Јапонскиот јазик е прилично интересен. Пишаната форма на јапонскиот јазик се состои од традиционалните кинески знаци наречени КАНЏИ (漢字 KANJI) кои пред околу 1500 години се превземени од кинеската цивилизација и фонетските знаци на гласовниот јапонски – ХИРАГАНА (ひらがな HIRAGANA) и КАТАКАНА (カタカナ KATAKANA).
Сите три пишани симболички системи се пишуваат комбинирано и поврзано, такашто ХИРАГАНАта напишана после КАНЏИ знаците обично одредува глаголски форми, а КАТАКАНАта се користи за странски зборови и изрази. Јапонскиот јазик спаѓа во т.н. група на „аглутинативни јазици“ чија основна карактеристика е формирање на комплексни зборови со помош на „прилепување“ или додавање на морфеми кон коренот на зборовите (за повеќе види agglutinative language).
Во оваа статија се содржи еден генерален и краток опис на јапонскиот јазик и неговите карактеристики кои го прават – да одговориме на прашањето од насловот – тежок за учење. Најпрво, тежината во учењето на јапонскиот јазик доаѓа од неговата обратна поставеност на чинителите на реченицата. Имено, за разлика од македонскиот, глаголите во јапонскиот јазик секогаш доаѓаат на крајот од реченицата или нејзината синтаксичка структура подлега на распоредот СУБЈЕКТ-ОБЈЕКТ-ГЛАГОЛ (повеќе за SOV), што е во спротивност на македонскиот јазик чија структура е СУБЈЕКТ-ГЛАГОЛ-ОБЈЕКТ (SVO). Оттука, фундаменталната разлика во конструкцијата на речениците, барем на самиот почеток изгледа исклучително тешка за правилно и природно формирање на речениците. Како илустрација, реченицата ЈАС ЧИТАМ КНИГА на јапонски би изгледало ЈАС КНИГА ЧИТАМ (私は本を読みます – ВАТАШИ ВА ХОН О ЈОМИМАС).
Понатаму, следната пречка за сите заинтересирани кои сакаат да го научат јапонскиот јазик се КАНЏИте или кинеските знаци. Секој кинески знак поседува три вредности – начин на пишување, начин на читање и значење. Тешкотиите започнуваат со тоа што овие симболи го задржале оригиналното кинеско читање, но во исто време и го примиле новото јапонско читање. Со тоа имаме повеќе читања на еден симбол за кои понекогаш нема регуларни правила и изговорот на еден знак може да се менува и неколкупати во зависност од останатите знаци во зборот и реченицата. На пример, знакот 日 во зависност од контекстот може да се изговори како „ни“ (日本 – „НИхон“, во превод „ЈАПОНИЈА“), „кјоо“ и „ничи“ (今日は何日ですか – „КЈОО ва нан НИчи дес ка?“, „КОЈ ДЕН Е ДЕНЕС?“); или „ка“ како во 二日 или „фуцуКА“, „ВТОРИ“ (датум во месецот).
Исто така, пишувањето на кинеските знаци е исклучително комплицирано. Морате да имате добра визуелна меморија за да ги запаметите. Понекогаш и една пропуштена цртичка во пишувањето може да го смени значењето на знакот или да го направи неразбирлив. Повеќето Јапонци велат дека КАНЏИте се учат само со многу пишување и повторување, што најверојатно укажува на фактот дека овие знаци најдобро се помнат како „процедури“ во процедуралната меморија т.е., како меморирани движења на раката при нивно пишување.
Во продолжение, напоменав дека јапонскиот јазик се создава врз база на прилепување морфеми. Фонетски, постојат пет самогласки А-И-У-Е-О и сите морфеми се создаваат со правење на слогови преку додавање на согласките К-С-Т-Н-Х-М-Ј-Р-В и назално Н пред самогласките. Звучниот систем ХИРАГАНА се користи за пишување зборови од домашно и кинеско потекло, додека КАТАКАНАта се користи за зборови и имиња од странско потекло што може да делува збунувачки.
Како следна карактеристика која го прави овој јазик тежок се вметнатите социјални стилови во истиот. Во јапонскиот јазик постои дефинирана хиерархија на однесување и зборување кога се обраќате кон оние кои се на повисока позиција од Вас. Тогаш употребувате специјални форми на глаголите и именките кои доста се разликуваат од стандардните форми. Овие социјални стилови ги има два на број и тоа се ПОЧЕСЕН и ПОНИЗЕН (СКРОМЕН) стил. Генерално, кога го користите ПОЧЕСНИОТ стил на изразување, го издигнувате соговорникот и со тоа ја покажувате почитта кон него. Кога се користи ПОНИЗНИОТ стил, вие ја намалувате сопствената вредност и на тој начин делувате скромно и повторно го почитувате вашиот соговорник. Овие два стила потполно се разликуваат и се доста тешки за учење затоа што бараат значително познавање на јапонската култура. Понекогаш дури и самите Јапонци прават одредени грешки кога користат еден од овие стилови. Овие стилови се користат најчесто кога зборувате со Вашите претпоставени, на пр. професори или шефови, во официјална комуникација, итн.
На крајот, пишаниот јапонски јазик во голема мерка се разликува од зборуваниот. Многу зборови кои се употребуваат писмено, не се употребуваат во нормалниот секојдневен говор.
Како заклучок, може да се каже дека за да се научи јапонскиот јазик мора добро да се познава Јапонија и нејзината култура и историја. Исто така, потребно е да се разбере социјалниот контекст во кој се комуницира и да се посвети многу време на вежбање во пишувањето. Разликите во фундаменталната синтакса се голем предизвик, особено за луѓето кои не се научени да го изразуваат дејството преку глаголи кои доаѓаат на крајот од речениците.