МУЗИКА: Атанас Кирјаковски
Добредојдовте и во оваа епизода од Наука за сите подкастот. Ако сте слушнале досега барем една епизода, ако сте слушнале барем еден разговор со некој од нашите паметни гости, веруваме ќе се сложите дека науката има моќ да го види невидливото, односно да ги открие и разоткрие убавините на реалноста. Но истовремено, мораме да признаеме, таа ги разоткрива и опасностите кои секојдневно нѐ демнат. Иако делува страшно, тоа што науката нѐ соочува со суровите факти на реалноста, всушност ја прави најкорисната алатка којашто човештвото ја стекнало досега.
Оваа алатка во рацете на денешната гостинка – Милка Љончева – која е докторанд и млад истражувач на институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана, Словенија, на одделот за Науки за животната средина – во разговор со Атанас Кирјаковски открива многу за огромниот број на органски загадувачи присутни во нашата средина и нашето тело. На пр. дали знаевте дека конзервансите кои се додаваат во голем дел од козметичките производи всушност содржат супстанци кои имаат токсичен ефект на долг рок, како за нас, така и за останата флора и фауна откако ќе завршат во отпадните води? Милка дополнително објаснува што е експозомика и како нејзината лабораторија развива методи за детекција на илегални дроги во канализацијата. Во разговорот, го дискутираме и загадувањето на реките и Охридското езеро, но и проблемот со пречистителните станици во Македонија кои се далеку од потребното ниво на функционалност. Вреди да ја дослушате докрај епизодава. Уживајте.
Содржина | Време |
---|---|
Милка Љончева самопретставување. Какво образование стекнала? Како многу македонски студенти завршуваат на словенскиот институт „Јожеф Стефан“? | 00:44 |
Што истражува Милка? Што се органски загадувачи? Какви ефекти имаат врз флората, фауната и човекот? Зошто е битно да се истражуваат? Кои се примери за органски загадувачи? Нивното присуство во секојдневните производи кои ги користиме и храната. Како органските загадувачи завршуваат во животната средина? Нивното присуство кај домашните животни. Како органските загадувачи завршуваат во реките и езерата? Какви ефекти имаат конкретно врз рибите? | 04:56 |
Што е хронично изложување на супстанци? Како се мерат органските загадувачи? Како се квантифицираат и како се истражуваат нивните ефекти, односно како се одвиваат истражувањата на Милка? | 14:52 |
Лабораторијата на Милка влегува во ново научно поле на истражување наречено „експозомика“. Што претставуваа таа? Конзервансите кои се употребуваат во козметичките производи и изложеноста на органските загадувачи кај оние кои ги користат. Изложеноста на бисфеноли кај младата популација и децата. | 21:01 |
Концептот на „биомониторинг“. За националните биомониторинг програми во Словенија и отсуството на истите во Македонија. Кои региони од Македонија најмногу би почувствувале корист од биомониторинг програмите? | 29:47 |
Уште една линија на истражувања во лабораторијата на Милка: употреба на технологиите за проучување на органските загадувачи и за детекција и анализа на присуство на илегални дроги, алкохол и цигари во канализацијата. Епидемиолошки истражувања на отпадни води. | 33:21 |
Неодамешното загадување на реката Брегалница. Што треба да се превземе за да се подобри квалитетот на водите во реките и езерата во Македонија? Какви информации би биле корисни за да се подобри екологијата во посебно загрозените средини во Македонија како што се областите со рудници и индустриско производство? За фалењето долгорочни студии во Македонија. | 40:17 |
Друг загрижувачки факт е дека 3/4 од отпадните води во Скопје, па и во Македонија завршуваат непрочистени во реките, односно само 1/4 се пречистува. Како водата се третира и прочистува? Аерозагадувањето не е единствениот загрижувачки проблем – загадувањето на водите во земјата е исто така сериозен проблем. | 43:48 |
Каква е состојбата со Охридското езеро? Каква е состојбата со колекторскиот систем? Што е детектирано во водата? Како загадувањето го засега живиот свет во езерото? Што може да се преземе за да се намали загадувањето на езерото? | 48:35 |
Како лабораторијата на Милка при институтот „Јожеф Стефан“ допринесува кон истражувањето на животната средина во корист на борбата продив епидемијата на коронавирусот? | 54:13 |
Кои се идните планови на Милка? Поздрав и одјава. | 59:25 |