За да можеме да дадеме подетален опис на поимот музика и механизмот со којшто таа функционира, потребно е одблиску да го истражиме феноменот звук. Секој музички тон претставува сложена звучна појава. Имено, секој музички инструмент има своја беспримерна музичка боја, чијaшто појава се основа на карактеристиките на материјалот и формата на инструментот. Сепак, во овој напис ќе ги разгледаме исклучиво аспектите и карактеристиките на звукот.
Како пример да го земеме тонот C, во солмизацијата познат како „до“, чија фреквенција изнесува 65.41 Hz и има единствена боја при изведувањето на инструментот пијано, но значително поинаква боја на инструментот гитара, труба, виолина итн. Прашањето е: што е тоа што ја прави јасната звучна дистинкција меѓу инструментите? Одговорот е во аликвотните тонови, или накусо – аликвоти.
Во звукот на тонот C (Слика 1) се содржани аликвоти – познати и како парцијални тонови коишто претставуваат појава на дополнителни мали тонови формирани над главниот, основен тон. Првата аликвота е фундаментална и најмногу изразена, а идентитетот на тонот доаѓа токму од неа (Табела 1). Останатите аликвоти поседуваат ниска амплитуда и се јавуваат како призвук кој е речиси недофатлив за нашите сетила за звук, но токму од бројот и присутноста на аликвотите зависи музичката боја на секој од инструментите
Напоредно со развојот на компјутерската технологија, во седумдесеттите години од XX век во музиката се развива композиторска техника позната како спектрализам, каде што се користат анализите на тембрите/аликвотите на разновидни акустични и синтетички инструменти со помош на спектрограф (Слика 2), а потоа истите се претставени и трансформирани во музички израз.
Аликвотните низи прв ги забележал Марин Мeрсен во 1637, а математички ги формулирал Жозеф Совер во 1701 година [3]. Во приближно ист период, во музиката постепено се воспоставува стабилниот тонален (дур-мол) систем, кој прераснува во најзначајното музичко изразно средство. Иако постојат извесни превирања за тоа како настанал тоналитетот, многу теоретичари како Хуго Рејман, Пол Хиндемит и Хајнрих Шенкер, сметаат дека постои инхеренција со природниот акустичен феномен – звучниот спектар од аликвоти, процес кој спонтано се јавува во природата во сите варијанти на звук. Особено поради фактот дека првите последователни аликвоти даваат речиси целосен опис на основите на тоналитетот, познати како тонична и доминантна функција.
Поважни термини:
Тембр – својство на звук, карактеристично за определен музички инструмент или глас.
- Boyk, J. (1997). There’s Life Above 20 Kilohertz! A Survey of Musical Instrument Spectra to 102.4 KHz. Превземено од http://www.cco.caltech.edu/~boyk/spectra/spectra.htm ↩
- Koenig, David M. (2015). Spectral analysis of musical sounds with emphasis on the piano (стр. 321). Oxford University Press. ↩
- Samama, Leo (2015). The Meaning of Music (стр.71–72). Amsterdam University Press. ↩