МУЗИКА: Purple Planet Music
Паралелно со епидемијата на коронавирусот, се шири и една друга епидемија – епидемијата на стравот, паниката, погрешните информации, теориите на заговор, меѓусебната нетрпеливост и политичката поларизираност. Дополнително, во култури како македонската на пример, честопати е евидентно и непочитувањето на препорачаните мерки на однесување за време на епидемии и значаен дел од населението не практикува физичка дистанца. Ваквите реактивни појави дополнително ја комплицираат епидемијата и ја претвораат во еден уште потежок проблем. Оттука, правилното и објективното разбирање и менаџирање на човековото однесување во време на природни непогоди и епидемии е од исклучителна важност.
- Препринт
- Верзија на научен труд кој е објавен во некоја јавно достапна архива пред да биде и формално ревидиран и објавен во некое научно списание.
Со цел подобро да се разбере однесувањето на луѓето за време на епидемии, Атанас Кирјаковски и Гоце Симоноски го дискутираат неодамна објавениот препринт од поголема група на научници од општествените и бихејвиоралните науки од најдобрите универзитети во светот, во кој тие означуваат неколку битни аспекти на однесувањето, дискутираат и предлагаат идеи и даваат сугестии со цел да им помогнат на оние коишто носат одлуки за справување со епидемијата и на оние коишто макотрпно работат на пронаоѓање третман и вакцина.
Според овие научници, во првиот ред на борбата за справување со коронавирусот се токму здравствените работници, биолозите, епидемиолозите, компјутерските научници и инженерите, но голем допринос можат да дадат и општествените и бихејвиоралните научници во однос на идентификувањето и креирањето на ефективни здравствени пораки, да ги советуваат институциите и оние кои носат одлуки во однос на ефективно спроведување на мерките за совесно и рационално однесување, да помогнат во менаџирањето на неминовните чувства на осаменост и анксиозност, да ги идентификуваат културолошките фактори кои допринесуваат во ширењето на коронавирусот, да го мотивираат населението да опстои во време на овој предизвик и да им помогнат на што е можно повеќе луѓе не само да останат биолошки, туку и психолошки здрави.
Содржина | Време |
---|---|
Вовед. Што е „препринт“ и која е темата на денешниот разговор. Тимовите кои се борат против епидемијата мора да бидат мултидисциплинарни. При секоја епидемија има две паралелни епидемии – биолошка и психолошка. Во моментов нема вакцина, како бихејвиоралната модификација може да помогне? | 00:00 |
Што е „социјално дистанцирање“ и зошто наместо „социјално“ научниците препорачуваат да се користи терминот „физичко дистанцирање“? | 08:19 |
Една од првите работи кои луѓето ги перцепираат за време на епидемија е закана од зараза и се јавува страв. Која е улогата на социјалните медиуми во амплифицирањето на масовниот страв? Што е психолошка тенденција/заблуда кон оптимизам? | 11:43 |
Зошто при епидемии се јавува емоција на гадење? Од каде потекнуваат емоциите и што има Дарвин да каже на темата? Што може да се направи за да се намалат емоциите на страв и гадење? Како можат да помогнат бихејвиоралните и социјалните научници? Што се случува при панично купување тоалетна хартија и зошто таквото однесување е штетно? | 19:19 |
Кои се можните бихејвиорални последици од пролонгираното присуство на епидемиите? Како може да се појави дури и насилство кон одредени општествени групи и како може да се надмине тоа? | 31:28 |
Врз што се базира перцепцијата на ризик и како се одвива процесирањето на информации при ризик? Зошто е потребно луѓето да останат психолошки здрави и силни? Како коронавирусот може перманентно да го промени човековото однесување? Како медиумите можат да придонесат кон подобрување на ситуацијата? Концептот на „социјална одговорност“ и како е различна од „личната одговорност“? | 35:39 |
Што може луѓето да прават за да останат психолошки здрави? Како развивање ново хоби може да помогне? Зошто избегнувањето социјални мрежи може да биде всушност здраво? | 47:12 |
Како културата на општеството влијае врз ширењето на заразите? Која е разликата меѓу „строгите“ култури како во Кина, Јужна Кореја, итн. и „опуштените“ култури како италијанската или америчката? Дали македонската култура може да се адаптира и промени со цел да се намали штетниот ефект од епидемијата? Зошто продлабочувањето на политичката поларизираност во Македонија мора да престане и мора да се покаже солидарност? Одјава. | 54:11 |