Когнитивни науки

Како да препознаете теории на заговор?

Иако изгледа дека лесно може да се направи разлика меѓу теории на заговор и вистински заговор, постои несогласување каде точно да се повлече границата. Така, она што е теорија на заговор за некого, е разумен сомнеж за друг. На пример, кога Пајпс го класифицирал опусот на Чомски како теорија на заговор, Чомски возвратил со редефинирање на поимот, кажувајќи дека неговото дело јасно се разликува од теории на заговор, како оние за смртта на Кенеди. На тоа пак одговорил Паренти, приврзаник на теории на заговор во врска со смртта на Кенеди, велејќи дека истрагата за тоа кој го уби Кенеди е легитимна истрага која се разликува од лажни теории на заговор [1]. Така, секој автор го користи терминот „теории на заговор“ како механизам да делегитимира некоја тема, истовремено признаваjќи дека постои концептуално слична, но различна област на истрага во која што тој/таа е вклучен/а.

Човековиот ум е подесен да препознава шаблони… без разлика дали си опремен да размислуваш за нив критички или не.

Можно ли е тогаш објективно да се препознае теорија на заговор? Неколку автори прават обиди за карактеризација на теориите на заговор, кои можат да се сумираат во следните точки:

  1. Теориите на заговор го претставуваат светот во апокалиптични и манихејски термини и плетат приказна за борба меѓу доброто и злото. Заговорот е многу повеќе од обично мито, корупција или ривалство. Напротив, заговорачите се виновни за предизвикување на нашите проблеми или извршување на незамисливи злодела. Тие се претставени како олицетворение на злото – огромен, зол, семоќен ентитет чија цел е да „уништи начин на живот“ [2]. Заговорачите долготрајно и успешно соработуваат, без да водат сметка за потенцијалите негативни последици од заговорот.
  2. Заговорачите се видени како монолитни, безгрешни, семоќни, нечовечни „надлуѓе“ кои се далекугледни, ја планираат иднината и кои успешно ги постигнуваат нивните цели. Понатаму, конспираторната група е видена како сеприсутна, односно „меѓународна на просторно ниво и континуирана на темпорално ниво“ [3], па затоа може да „оперира“ било каде во било кое време. На тој начин, настани кои имаат само малку допирна точка со наводните цели на заговорачите можат лесно да се припишат на наводниот заговор.
  3. Теориите на заговор се занимаваат со еден сеопфатен заговор што е виден како движечка сила низ историјата, додека улогата на среќа, коинциденција или несакани последици е минимизирана. Во теориите на заговор недостасува „баналност на институционална дезогранизација“ (како на пример во Вотергејт кој не беше резултати на голем план колку што опортунистички акт во рамки на дисфункциолана политичка култура) [4].
  4. Теориите на заговор поврзуваат неповрзани настани [5]. На пример, човекот кој отвора и мавта со црн чадот во истото време кога е пукано во Кенеди е „доказ“ дека постои заговор позади неговото убиство, бидејќи наводно човекот со чадор му сигнализирал на Освалд кога да пука. Во реалноста, човекот со чадор нема ништо со убиството. Чудното мавтање со чадор било наменето како протест против Кенедиеви кои воделе толерантна политика кон Хитлер пред втората светска војна. Бидејќи теоретичарите на заговор тежнеат да ги гледаат настаните како предизвикани од еден конспиративен центар, лесно наоѓаат скриени врски, шеми и значења меѓу различни настани. Така на пример, вакцинирањето може да се види како еден дел од многу поголемо сценарио за контрола на населението преку 5Г мрежата или ураганот Катрина како еден дел од поголемо сценарио за контрола на времето.
  5. Теорите на заговор често се објаснувања спротивни на официјалните објаснувања, за разлика од вистинските заговори кои се официјални објаснувања за тоа како се случиле настаните [6]. На пример, објаснувањето дека Ал Каеда е позади нападите на 11 Септември 2001 подразбира постоење на заговор од страна на членовите на Ал Каеда да го држат планот за напад тајност (се до моменот на извршувње). Наспрема ова објаснување е објаснувањето што го нуди теоријата на заговор за нападите на 11 септември која вели дека нападите биле оркестрирани од администрацијата на тогашниот претседател Буш. Понатаму, теориите на заговор се занимаваат со ловење на аномалии, односно барање недоследности во официјални објаснувања. Овие аномалии често се инкорпорираат во теориите на заговор. На пример, изјава на кореспондентот на BBC од Њу Јорк на 11 септември 2001, дека третата висококатница колабирала, 26 минути пред зградата навистина да колабира, иако грешка настаната од конфузијата се зема како доказ во прилог на теоријата на заговор. Така, теориите на заговор, секогаш објаснуваат повеќе од официјалните објаснувања.
  6. Теориите на заговор се непобитни [6]. Недостаток на докази кои одат во прилог на теоријата на заговор се интерпретира како доказ дека теоријата е точна затоа што наводно тоа ја покажува способноста на заговaрачите да ги скријат махинациите. Слично, докази што не одат во прилог се зема како доказ за заговорот, бидејќи се интерпретираат како да се подметнати од заговорачите. Со инкорпорирање на контрадокторни докази или со објаснување на тоа зошто нема докази за нејзината вистинитост, успешно се изолира од обиди да биде побиена. Секој обид да се побие се интерпретира како доказ да се насочи истрагата на друга страна, а недостаток на позитивни докази се користи како доказ за извонредните способности на заговорачите. Постои мислење дека е неизбежно теориите на заговор да бидат непобитни затоа што криење или уништување на докази од страна на заговорачите е токму тоа што теоријата на заговор го предвидува. Проблемот со непобитноста е дека постоењето на заговорот не се третира како хипотеза што треба да се докаже, туку како непобитна вистина преку која се интерпретираат сите информации. Со други зборови, теоријата на заговор е нешто дадено а приори, а податоците се редат на таков начин за да се докаже нејзината „вистинитост“.
  7. Заради тоа што теоретичарите на заговор често „рециклираат“ идеи од веќе постоечки теории на заговор, навидум самостоечки теории на заговор, како оние за 11 септември, вклучуваат елементи од постарите светски теории на заговор [1]. На пример, по нападите на 11 септември, се појавиле гласини дека вработените во светскиот трговски центар од еврејско потекло биле однапред предупредени за нападите и ги напуштиле работните места непосредно пред нападите, отворајќи врата за теоретичарите на заговор да црпат инспирација од долгата традиција на анти-Семитски теории на заговор. Или пак, теоријата на заговор дека ураганот Катрина бил предизвикан од американската влада со помош на оружје за модификување на времето не остана изолирана од останатата конспиративна традиција долго време, туку беше вткаена во многу поголема таписерија каде стана дел од светската теорија на заговор како еден чекор во планот за глобална контрола. Така, дури и само-стоечките теории на заговор завршуваат вградени во конспиративната традиција на објаснувања како елаборирани наративи со карактеристична наративна структура, тематска конфигурација и логика.
  8. Не сите теории на заговор се наративи, туку се изразени како интуиции дека постои скриена агенда, или како прашања што фрлаат сомнеж врз официјалните информации, тактика наречена „само прашувам (just asking questions)“, но импликациите од тие прашања се дека официјалните информации не ја кажуваат вистината. Оваа тактика остава вакуум во официјалните објаснувања што набргу ја пополнуваат опортунисти со „готови“ објаснувања. Со други зборови, тие „знаат“ кој има мотиви и средства да направи такви злоделa. Па така, дури и овие шпекулации се впиваат во пошироката конспиративна култура и стануваат теории на заговор.

Дали вистински заговори се случуваат? Несомнено, но вистинските заговори ретко кога (ако некогаш) се откриени од теоретичарите на заговор, туку се откриени токму од оние кои теоретичарите на заговор ги обвинуваат дека се дел од заговорот, како новинари или специјални комитети.


  1. Byford, J. (2011). Conspiracy theories: A critical introduction. Basingstoke UK: Palgrave MacMillan.  ↩
  2.  The paranoid style in American politics. In R. Hofstadter (Ed.), The paranoid style in American politics and other essays (pp. 3 – 40). New York, NY: Knopf.  ↩
  3. Bale, J. M. (2007). Political paranoia v. political realism: on distinguishing between bogus conspiracy theories and genuine conspiratorial politics. Patterns of Prejudice, 41, 45–60.  ↩
  4. Jane, E., & Fleming, C. (2014). Modern Conspiracy: The Importance of Being Paranoid. New York: Bloomsbury Publishing.  ↩
  5. Barkun, M. (2003). A Culture of Conspiracy: Apocalyptic Visions in Contemporary America. Berkeley, CA: University of California Press.  ↩
  6. Of Conspiracy Theories. Journal of Philosophy 96, 109–26. doi: 10.2307/2564659  ↩
11 септемвриБушВотергејтдоброзаговорзлоКатринаКенеди
Претходен написи
Ексел: чистење, трансформација и анализа на текст [#6]
Следен напис
Мачката на Шредингер, можно е да куртули

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите