Лични ставови

Научниот стерилитет во Македонија

Медицинскиот стерилитет се дијагностицира кога една двојка не може да зачне потомство во рок од една година, се разбира, без употреба на контрацептивни средства. Македонскиот научен стерилитет е состојба во која земјата и после скоро триесет години независност не произвела повеќе од две меѓународно признаени научни списанија со фактор на влијание.

Факторот накратко се дефинира како просечен број на цитирани документи во едно списание за дадена година, пресметан врз основа на бројот на објавени документи во тоа списание во претходните две години. Знам, делува комплицирано, но поената е – научните списанија со фактор на влијание имаат значаен удел во светот и истовремено се показател за состојбата на науката и развојот во една земја.

Науките според својот опсег на делување и техничка анализа се делат на природно-технички и општествени науки. Секоја година Web of Science Group објавува Journal Citation Reports (JCR) , односно листа на научни списанија подредена според нивното значење и ефектот кој го имаат во науката, а дополнително ги регистрира и земјите од кои овие списанија потекнуваат. Македонија – доколку добро прочитав во JCR за 2019 – произведува само две меѓународни списанија со фактор на влијание за природно-технички науки и за жал, ниту едно за општествените (факторот на двете е под 1, т. е., прилично низок). Со други зборови, македонските психолози, социолози, антрополози, филозофи, комуниколози, политички научници, итн. немаат можност да ги објават трудовите во својата матична земја кои истовремено ќе бидат достапни и препознаени низ целиот свет. За разлика од нив, македонските хемичари, технолози и биолози, како што спомнавме – имаат двоен избор за публикување во македонско списание со фактор – или во  Мacedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering (со фактор за 2019 г. еднаков на 0.829 издаден од Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија или во списанието Balkan Journal of Medical Genetics (фактор 0.4) издадено од Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ) .

Македонскиот научен стерилитет е превисок дури и за балкански услови. Од Бар-дијаграм 1 подолу може да се види дека соседната Република Србија на пример, вкупно објавува 22 списанија со фактор на влијание регистрирани во датабазата на JCR, а Хрватска – како првак во регионот – 36. Словенија, која може да се спореди со Македонија и по број на жители и по територија, во 2019 г. произвела 19 влијателни научни списанија. Грција и Бугарија се некаде на средината по бројност, а по очигледниот драстичен пад во листата, послаб научен и интелектуален резултат од нас во регионов имаат само Босна и Херцеговина и Албанија.

Бар-дијаграм 1
Бар-дијаграм 1

Си помислив дека една од главните причини за енормно ниската научна продуктивност е малиот процент од Бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија посветен на истражување и развој или просто кажано – македонските научници не добиваат доволно пари за истражување и иновација од државата и затоа имаме мал научен отпечаток во светот. Се разбира, во современите развиени земји, оваа ставка од буџетот е важен показател на нивниот технолошки и иновациски напредок кој допринесува за раст на економијата и генералното подобрувањето на условите за живот во нив. Впрочем, карактеристично за првите 15 најразвиени земји во светот е што одвојуваат добар дел од своите буџети за оваа намена, а посебно ефективно е кога ќе се вклучи и бизнис секторот во иновирањето. Просечниот процент на светско ниво изнесува 2.3% од буџетите на земјите ( Светска банка, податок за 2018 г. ), од кои Јужна Кореја е на првото место со 4.3 %, следува Јапонија со 3.4 % и третото место ѝ припаѓа на Финска со 3.2 % од нивните енормни БДП-а ( UNESCO Institute for Statistics ). Тука мора да напоменеме дека % од БДП за истражување и развој е релативна единица мерка, односно истиот процент кај две земји кои би се споредиле не би значел иста сума како апсолутна парична вредност бидејќи буџетите на земјите прилично се разликуваат во големината. На пр. 1% од буџетот на Јапонија преведено во пари е стотици пати поголем од 1% од буџетот на Република Македонија.

Но не ќе e само проблемот во скржавото одвојување од буџетот за наука во земјава. Последниот податок за Македонија е од 2018 г. и покажува дека процентот изнесува скромни 0.4% од нашиот БДП (Државен завод за статистика; податоците на UNESCO Institute for Statistics покажуваат малку подобра состојба, односно 0.5%, но можно е тоа да е нивна проценка за 2019 г.; за детално движење на процентот во Македонија низ годините погледнете Линиски-дијаграм 1).

Линиски-дијаграм 1
Линиски-дијаграм 1

Се забележува дека во последните 10-тина години процентот во Македонија се движел помеѓу 0.2% и 0.5%. Од земјите во балканскиот регион, Хрватска моментално издвојува 0.8 %, Србија 0.7%, Словенија 2.4%, Грција 0.8%, Бугарија 0.8%, Босна и Херцеговина 0.3% и Албанија 0.2% – од сопствените буџети ( UNESCO Institute for Statistics ). Бар-дијаграм 2 ги визуелизира овие проценти каде земјите се подредени по ист редослед како и во Бар-дијаграм 1, односно според бројот на издадени научни списанија со фактор на влијание. Станува воочливо дека издвоените буџети за истражување и развој немаат правопропорционален сооднос со бројот на издадени списанија. Хрватска на пример, земја со 0.8% од БДП произведува дури 36 научни списанија со фактор на влијание! Или да ја земеме сличната на нас Словенија која одвојува скоро петпати повеќе средства за научни, развојни и иновативни цели. Не сме ок. Се сомневам дека оскудните две списанија кај нас не се должат само на недостатокот на финансии од државата. Како објаснување на овој феномен, на ум доаѓаат три претпоставки: дека македонските научни работници и издавачки куќи не се доволно мотивирани да истражуваат и да произведуваат влијателни научни списанија; дека парите од буџетот имаат различна дистрибуција во земјите, т. е. во некои можеби повеќе одат кон иновативни и експедитивни бизниси, а во други кон државните универзитети и институции (кои тежнеат повеќе да ги трошат на административни трошоци и плати отколу на истражување и иновација); и трета претпоставка, буџетите на секоја од наведените балкански земји толку многу се разликуваат во големината што во апсолутни термини прават огромна парична и инвестициска разлика. Лично сметам дека во Македонија проблемот е комбинација од првите две претпоставки, односно научните работници во земјата малку се мотивирани и немаат амбиција за големи научни проекти и истовремено, парите од државата одат на тековни трошоци и плати. Преовладува менталилетот на „многу сме мали“ и „што можеме ние да смениме“. Згора на тоа, имаме и влада која не знае кај тера, која ветува само рај на хартија преку објавување на некакви си „стратегии“, никогаш неостварени.

Бар-дијаграм 2

Сите влади досега, вклучително и сегашнава низ таквите документи насловени како „национални стратегии“ или „програми“ ветуваа зголемување на буџетот за наука со цел да се приближиме до просекот од 2% во Европската Унија, бидејќи како земја кандидат, се стремиме да влеземе во истата. Во еден од тие бирократски и декларативни документи дури беше и предвидено „зголемување на трошоците за истражување и развој до 1.8% во 2020 г.“ (види стр. 6) . Се разбира, македонските научници ја добија само рачката од тапанот со моменталниве 0.4%. Ветување до ветување, лага до лага.

Науката во Република Македонија сè уште е далеку од светските научни трендови и многу напор е потребен за тоа да се смени. Стерилната состојба во науката влијае врз многу сфери од општеството и директно ги спречува напредокот, благосостојбата, иновациите и развојот. Ако нешто едно општество го прави силно, тоа е знаењето и иновативноста. Македонија како малечка земја мора да патентира и публикува идеи и знаење во што поголема мерка со цел да придонесе за зголемување на сопствениот развој во иднина.

Недостигот на мотивација, апатичноста, корупцијата и малиот процент од БДП-то посветен на развој и истражување уште долго време ќе ја спречува продуктивноста на македонските научници правејќи ја земјата неплодна и импотентна на научно поле. И стерилна.

*Првично објавено на личниот блог од авторот.

Претходен напис
Дали јапонскиот јазик е тежок?
Следен напис
Рипариски шуми – нашите шумливи пријатели: разговор со екологот Ивана Лозановска [#16]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени
Споделете со пријателите