МУЗИКА: Purple Planet Music
Звукот на моторните пили е најстрашниот звук за дрвјата. Неверојатно е колку сме им неблагодарни на овие прекрасни организми кои ни го прочистуваат воздухот, односно ни го снабдуваат со кислород, и со тоа – ни овозможуваат да дишиме. Но дрвјата прават и многу други корисни работи за нас – на пр. оние кои растат покрај реките – т.н. „рипариски шуми“ – нѐ штитат од поплави и ерозии, ја филтрираат и прочистуваат водата и се живеалиште за многу животни коишто живеат покрај реките.
Токму ваквиот вид на дрвја, нивната биологија и значење ги проучува нашата соговорничка, Ивана Лозановска, која е докторанд на Универзитетот во Лисабон, Португалија. Во оваа епизода од „Наука за сите“ подкастот, разговараме и за концептот на екологијата како наука која има далеку поголем опсег од популарното разбирање на истата само како „чистење на околината“. Ивана беше љубезна да објасни и како хидроцентралите и браните влијаат врз животната средина, што може да направиме за да ги зачуваме реките и вегетацијата околу нив, збор-два кажавме и за животот во Португалија каде што студира, разјаснивме која е разликата меѓу „еколозите“ и „екологистите“, зборувавме како е да се кампува и истражува предели во името на науката и многу други интересни и битни работи. Затоа, не ја пропуштајте оваа 16-та епизода од „Наука за сите“ подкастот со Атанас Кирјаковски.
Содржина | Време |
---|---|
Најава, добредојде и самопретставување. Како дојде до разговорот со денешната гостинка? Која е Ивана Лозановска, што студира и каде, и како ја засакала екологијата? | 00:05 |
Што е екологија? Која е разликата помеѓу популарното сфаќање на терминот „екологија“ и екологијата како наука? Што проучува и на што се фокусира? Која е разликата меѓу еколозите и екологистите? | 06:35 |
Професионалниот живот на Ивана? Што се „рипариски шуми“ и зошто се битни? Која е улогата на дрвјата покрај реките? Ккао се корисни во екосистемот, но и како се уништуваат? | 12:39 |
Како се одвиваат истражувањата на Ивана? Што се тоа „патувања за научни цели“? Како се собираат и анализираат податоците? Како се одвива теренската работа? | 16:54 |
Дали во Македонија се прават слични студии? Како и каде се прават во земјава? Која е разликата помеѓу „блато“ и „мочуриште“? | 19:59 |
Како е да се живее и работи во Португалија? Дали Португалците имаат сличности со Македонците? Каква е климата и темпото на животот? | 22:44 |
Во контекст на екологијата, што е „функционален диверзитет“? Што ни раскажуваат растенијата за средината во којашто живееме? | 26:26 |
Каде сме ние како луѓе во целата еколошка приказна? Која е нашата улога во екосистемот? Како влијаеме на истиот? Ефектот на браните и хидроцентралите врз животната средина и рипариската вегетација. Што се случува со видовите коишто живеат во таа средина? | 30:28 |
Што може да се направи за да ги зачуваме реките во нивната природна форма? Светски и балкански тренд на уништување на реките. Зошто е тешко да се адресираат ваквиот тип на проблеми? | 33:27 |
Идини планови на Ивана и каде планира да ги продолжи своите истражувања? Поздрав, благодарност и одјава. | 36:48 |