Компјутерски науки

Користење на столбови и пити за визуелизација на информации

Верувале или не, сликата подолу претставува многу познато парче од класичната музика – “За Елиза” од Бетовен. Ваквата апстрактна репрезентација се вика “столбест дијаграм”. Доколку сакате да дознаете повеќе за тоа што ова претставува и каде може да се користи, продолжете со читање.

Слика 1. Апстрактна репрезентација на фреквенцијата на нотите користени во Бетовеновата “За Елиза”.

За разлика од класичната репрезентација на ноти во петтолиние, апстрактната репрезентација на сликата не може да биде отсвирена туку ни дава информации за тоа која дирка од клавирот е повторена колку често за времетраењето на композицијата. Со ова ние отсликуваме (или научно кажано “визуелизираме”) некоја информација која на прв поглед не е достапна или е тешка да се извлече од првичното петтолиние.

Оваа гранка од визуелизацијата (за којашто беше пишувано во минатиот текст) се вика визуелизација на информации. Информациите коишто се обработени и прикажани во оваа гранка се апстрактни податоци со некакви атрибути коишто можат да бидат поврзани едни со други. Визуелизацијата на информации го користи фактот дека човековото око има широк спектар на апсорпција на информации наеднаш, такашто визуелното претставување на овие информации ни овозможува истовремено да видиме, анализираме, обработиме и разбереме многу податоци.

Како инспирација за ваквата логика земете го описот на некој пејсаж во книга во споредба со видување на истиот пејсаж во филм или во живо. Описите во книга обично траат со страници за да би можело да се доведат до детал и најмали работи. Од друга страна, прикажување на истата информација како слика ни ги дава сите бои, детали и местоположби на објектите наеднаш.

За пример земете ја табелата лево на слика 2. Оваа табела прикажува пет различни прелистувачи и нивната распространетост во Ноември 2014-та. Доколку само ја погледнете табелата ви требаат неколку моменти за да ја прочитате истата, и потоа да си претставите како се прелистувачите подредени и како се споредуваат во однос еден спрема друг. Од друга страна, доколку ги погледнете другите две репрезентации на слика 2, ваквите информации се визуелно веднаш доловени. Веднаш може да се заклучи дека Chrome е два ипол пати покористен од Firefox, додека Safari и Opera се користени најмалку од сите.

Првиот метод на визуелизација (слика 2, центар) се нарекува столбест дијаграм. Хоризонталната оска на овој графикон ги претставува различните прелистувачи, додека вертикалната оска претставува колку е тој прелистувач користен во проценти. Генерално кажано, хоризонталната оска ги претставува категориите коишто се присутни, додека вертикалната оска го претставува атрибутот на истите. Овој вид на прикажување се користи за брза споредба помеѓу голем број на информации.

Вториот метод на визуелизација (слика 2, десно) се нарекува пита-дијаграм. Ова е кружно претставување на податоци каде што должината на кружниот лак е пропорционален со атрибутот кој е прикажан во истиот дел од кругот. Исто како и претходниот метод, тука имаме голем број на информации во еден поглед, како на пример застапеноста на прелистувачите и како можат да се споредат еден со друг.

Слика 2. Најчесто користени интернет прелистувачи во Ноември 2014 како (лево) табела, (центар) столбест дијаграм и (десно) пита-дијаграм.

Постојат огромен број сценарија во коишто горенаведените методи секојдневно се применуваат. На пример, доколку имаме податоци за успехот на секој ученик во училиштето може да го визуелизираме успехот на сите ученици во училиштето наеднаш. Други секојдневни примери вклучуваат визуелизација на резултати од избори, прикажување на поените од музички фестивали како Евровизија, бројот на продадени продукти во некоја фабрика итн.

Во еден од наредните текстови ќе ви покажам како би се справиле со информации коишто имаат повеќе од еден атрибут. Дотогаш, проверете како е застапеноста на нотите во вашата омилена песна и проверете дали вашите пријатели можат да погодат за која песна станува збор: The Pianogram.

визуелизацијавизуелизација на информациикомпјутерски наукипита дијаграмстолбест дијаграм
Претходен написи
Епигенетски фломастери го обележуваат клеточниот ДНК прирачник
Следен напис
Чудовиштето од Млечниот пат: супермасивната црна дупка во центарот на нашата Галаксија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите