Компјутерски науки

Користење на расфрлани точки и дрвја за визуелизација на информации

Сите сме го доживеале тој момент кога имаме само уште неколку часа до утрешниот тест, а не ни е повторен ниту половина материјал. Овие се тие моменти кога почнуваме да очајуваме и да пребаруваме на интернет дали има некоја поврзаност помеѓу часовите поминати во учење и оценките што сме ги добиле на тест.

Пребарувањето не води до некоја табела слична на онаа на Слика 1 (лево). Сега почнуваме да очајуваме дури повеќе затоа што има премногу информации на едно место за да откриеме некоја поврзаност, а времето на тестот се приближува. Епа во овој текст ќе ви докажам дека постои метод да се прикажат ваквите информации на едно место и веднаш да се воочат потенцијалните корелации.

Слика 1. Табела со информации за добиени поени после поминати часови во учење (лево). Распроделна дијаграм креиран со истите информации (десно).

За разлика од примерите прикажани во претходниот текст, тука имаме два атрибути за секој податок, односно времето поминато во подготовка и поените добиени на тестот. Поради ова, стандардните методи на визуелизација на информации од претходниот текст не би ни помогнале овде (помислете како би изгледале столбестиот и пита-дијаграмот во овој контекст). Ова ги инспирирало научниците да најдат алтернативен начин за приказ на податоци коешто резултирало со таканаречените распроделна дијаграми. Во нашиот пример, ова се дводимензионални дијаграми на коишто двете оски ги претставуваат двата различни атрибути со кои работиме. Кај нас, тоа се времето потрошено за подготвување и поените добиени на тестот.

Интересно за овој метод на визуелизација е дека доколку постои некоја поврзаност (корелација) меѓу атрибутите, таа би била лесно воочлива. Во резултатот на Слика 1 (десно) лесно може да се види дека постои зголемувачка тенденција кон десно, така што генерално, што повеќе часа се поминати во учење, тоа повеќе поени се добиени на тестот. Размислете за други информации кои би можеле да се прикажат во ваков граф и коишто би имале намалувачка тенденција или кои не би имале никаква корелација.

Слика 2. Пример на визуелизација на системот на фајлови во вашиот компјутер.

Како последен пример за визуелизација на информации, сакам да ви покажам како би прикажале хиерархиски податоци, а како прв пример за тоа ќе ги користам фајловите во компјутерскиот систем. Хиерархиските информации се структурирани како дрво со корен којшто преминува во се помали гранки додека не стигнеме до лисјата. Во примерот на компјутерскиот систем, коренот го претставува вашиот хард диск. Во него имате многу фолдери коишто содржат други фолдери (поголеми гранки коишто се разделуваат на помали гранки) додека на крај да стигнеме до нашите фајлови коишто повеќе не се разделуваат (лисјата од горенаведената метафора). На Слика 2 имате многу познат приказ од вакви информации што најверојатно го гледате секој ден на вашиот компјутер. Прикажаниот метод се вика просто граф и е еден од најчесто користените методи за приказ на вакви податоци.

Има многу видови на хиерархиски податоци коишто можат да се прикажат со различни варијации на овој метод. Сигурно сте слушнале за семејни стебла, со кои можете да го прикажете вашето семејство неколку генерации наназад. Во учебниците по биологија ги среќавате филогенетските дрва, кои ја покажуваат еволуционата врска помеѓу различни фамилии на биолошки видови. И уште многу многу различни примери.

Дали знаете дека постојат и тродимензионални распроделна дијаграми за прикажување на 3 атрибути, додека ако имаме повеќе од 3 атрибути се користат методи на намалување на димензии?

визуелизацијавизуелизација на информациикомпјутерски науки
Претходен написи
Водич низ нашата Галаксија, Млечен пат
Следен напис
Гешталт принципи на организација во визуелната перцепција

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите