Лични ставови

Кога SARS-CoV-2 ни чукна на врата и непоканет влезе дома

Уште од самиот почеток, се наоѓам во епицентарот на COVID–19 тестирањето. Но за иронијата да биде најголема, се осеќав СКОРО (пишувам скоро, бидејќи имав неверојатни алатки на располагање) беспомошно кога вирусот ми чукна дома!

Majка ми работи во Swisslion (Агроплод). Знаејќи за нејзината работа и постојаното мешање и размешување на луѓе, недостатокот на дисциплина на носење маски, организацискиот капацитет на фабриката и општиот менталитет на просечниот ресенец, знаев дека ќе биде само прашање на време додека не почне да жежи коронавирусот и таму. Во овој случај, времето беше почетокот/средината на Јуни кога почна да се појавува кластер на коронавирусот во Ресен, што почна од некоја слава па се прошири во Swisslion (Агроплод).

На 10-ти Јуни се појави првиот случај на коронавирусот во Ресен. Во понеделник на 15-ти Јуни моите ми кажаа дека мајка ми има блага температура, ужасна главоболка и општа омалаксаност. Имајќи ги епидемиолошките и симптоматолошките податоци, сигурен бев дека се работи за новиот коронавирус. Ама научник како научник, секогаш бара потврда. Во средата на 17-ти Јуни претпладнето ми започна супер во AvAv Happy Dog, славевме точно една година откако како накиснато гревче го најдовме и посвоивме Фрејето (најзабавното куче на свет).

Неколку часа после тоа, тимот на ИЈЗ беше супер колегијален (голема благодарност), ги посети моите во Ресен и им земаше три бриса, два од мајка ми (еден за ИЈЗ, еден за мене) и еден од татко ми (за мене). Истиот ден накај 17:00 часот ги подигнав брисевите од ИЈЗ и тргнав накај нашата (на Био Инженеринг и Zan Mitrev Clinic) генетска лабораторија во Жан Митрев. Веќе имав спремни реагенси за брзата молекуларна метода којашто сам ја развив. Од моето влегување во лабораторијата и отворањето на брисевите, за 18 минути потврдив дека мајка ми е позитивна. Знаев и дека титарот на вирус е релативно висок. За еден час и 15 минути, знаев дека и татко ми (којшто не чувствуваше никакви симптоми) е позитивен. После неколку часа истите резултати се потврдија и со PCR, Ct 18 кај мајка ми (аналогно на милион вирусни копии во реакцијата) и Ct 28 кај татко ми (аналогно на 1000 вирусни копии). Ми јавија и од ИЈЗ дека брисот на мајка ми е позитивен, Ct 19. Им реков на моите дека мајка ми може да излезе од изолацијата на горниот кат и дека може да почнат да се дружат и пазат со татко ми.

Бидејќи мајка ми веќе имаше симптоматологија, а татко ми беше сеуште без симптоми – имајќи ги епидемиолошките податоци, знаев дека него сме го фатиле во многу рана фаза и дека ако во наредните неколку денови не развие симптоми, ќе остане без симптоми (35% од пациентите се асимптоматски).

Моети совети беа: 1) на неколку часа да се мери температура и доколку не е премногу висока, да не се зема парацетамол 2) Да се следи дишењето и да пријават веднаш доколку има проблеми 3) Да се купи пулс оксиметар и постојано да се следи сатурација со кислород. Ако се случи тренд на паѓање под 94% веднаш хоспитализација. На мајка ми и реков, дека според тековни научни студии, во најдобро сценарио симптомите треба да и траат меѓу 7–11 дена.

Поминаа 7-денови, кај мајка ми немаше ни подобрување ни дијаметрално влошување на состојбата – освен физичко-психичкиот данок што го зема вирусот. Обично после првата недела, пациентите одат или во една или во друга насока. Татко ми сеуште без симптоми. Тогаш знаев дека веројатно ќе го помине вирусот на нога, без никакви симптоми. Комуникацијата со медицински персонал им беше минимална: никој ни се интересираше, нити даваше добри совети (лапај Сумамед е исклучително лош совет). Не можам да си замислам како им е на луѓето што немаат син што директно работи на SARS-CoV–2 тестирање, следи најнова литература и може да ги советува и одвлекува од лоши медицински пракси, секако консултирајќи се со врвни колеги од Македонија и странство.

8-от и 9-от ден, мајка ми почна да се чувствува подобро, фреквенцијата на периоди со температура беше намалена. Татко ми, биљбиљ. Ова беше индикација дека работата оди на подобро. Случајно дознав дека тим на лабораторијата Авицена се наоѓа во Ресен и ги замолив доколку е возможно да земат крв и брисеви од моите. Голема благодарност за нивната колегијалност. Исто благодарност до Ординација Пашковски што ни излегоа во пресрет со епруветки за крв. Ужасно ме нервираше фактот што до тогаш, бев во неможност (пр. да испраќам тим од Жан Митрев клиника во Ресен, знаејќи дека се потребни тука на стотици луѓе секој ден) да им земам брисеви и крв за следење на параметри на секои два дена.

Со нетрпение ги чекав брисевите и примероците со крв. Брисот од татко ми негативен, брисот од мајка ми позитивен со Ct 35, што исто така беше добра вест бидејќи значеше дека има 25 000 пати пониска концентрација на вирус во носот и грлото (според делта делта Ct методата). Исто така и направив и PCR тест на други 33 респираторни вируси и бактерии за да имам увид дали се случува секундарна бактериска инфекција (медицина базирана на докази). Знаев дека за неколку дена ќе биде PCR негативна.

Резултатите од крв, кај татко ми одлични со умерено низок инфламаторен индекс, кај мајка ми зголемена глукоза (коронавирусот потенцира дијабетес), умерено висок инфламаторен индекс и CRP 80-кa. Ништо премногу алармантно. Нејсе, за да донесам одлука дали мајка ми треба да се хоспитализира или не, чекав резултати од деталното имуно профилирање – бидејќи хиперактивниот имун систем, наречен цитокинска бура како одговор на вирусот најчесто води до фаталитет. Од нив се утврди дека меѓу другото нивото на IL–6 (главниот про-инфламаторен диригент) е благо зголемено кај двајцата, но не се наоѓа во опасна зона. Тоа беше индикатор дека работата навистина оди на подобро. Уште подобар индикатор ќе имав доколку и претходно им направев детални тестирања како референца за тековните.

И беше подобро, веќе после 11-от ден, мајка ми веќе не чувствуваше никакви симптоми и неколку дена после тоа се врати во нормала. После тоа, двајцата имаа по два последователни негативни PCR тестови. Официјално ОЗДРАВЕНИ.

Прашањата коишто си ги поставив во текот на оваа одисеја се:

  1. Според алгоритмот (којшто според мене е катастрофален), татко ми не требаше да биде тестиран. И немаше да биде доколку немаше син што има лабораторија. Што значи дека поминувајќи асимптоматски – немаше да знае дали воопшто бил инфициран или не. Огромно психолошки бреме носи таквото незнаење кај многу луѓе, уште повеќе земајќи го обѕир дека солиден процент на асимптоматски пациенти немаат детектибилен IgG имун одговор (знак за мината инфекција).
  2. Комуникацијата со медицински персонал беше минимална и ради реда. Како обичен човек на домашно лекување би знаел дали состојбата му се влошува или не, ако кај истиот не се следат објективни и обични биохемиски и имуни параметри?! Како ќе знае што треба да направи, ако матичниот лекар не го советува како точно треба да се однесува? Како матичниот ќе следи стотици пациенти на ефективен начин кога нема софтверска алатка за истото? Како пациентот ќе знае дека ситурацијата му се влошува ако не мери сатурација (или нема син да му каже да мери кислородна сатурација)? Како ќе знае дали и каква пневмонија развил ако ни под разно не може да отиде во државна или приватна болница и да направи рентген? Колку луѓе заминаа прерано бидејќи немаме инфраструктура за објективно да ја следиме нивната клиничка состојба и веќе било доцна кога започнала хоспитализацијата?! Не е доволна причина што тие луѓе немаа синови и внуци што работат на frontline во најнапредни лаборатории и може да си дозволат најнапредни тестови коишто 1–2–3 дена унапред може да укажат во која насока ќе се движи болеста!
  3. Која е причината што на многу COVID–19 пациенти им се препишува SUMAMED (силен антибиотик) без никакви докази за секундарна бактериска инфекција – туку превентивно?! Ради реда или дека така се прочитало на некој портал? Антибиотикот, доколку нема индикација за него, само може да ја уништи твојата природна бактериска флора којашто и тоа како го држи кревкиот баланс во организмот. Кога се дава терапија кон недоволно познат инфект, сите одлуки треба да бидат на контролирани систематски студии и секојдневно следење на литература.
  4. Кој ќе одговара за лошата структурна организираност во Swisslion и мешањето на персонал од различни сектори во тек на пандемија? Common sense е дека треба да се минимизираат непотребни контакти.
  5. Кој од тие што имале симптоми (губење на мирис и вкус; температура) ќе одговара за неодговорното и недисциплинирано одење на работа во тек на пандемија?! Дали е доволна казна товарот што ќе го носат за цел живот бидејќи директно соучествувале во нечие страдање и смрт?

За крај, научете ги матичните лекари да ги поставуваат вистинските прашања и вистински, а не про-форма да ја следат состојбата на пациентите. Направете софтверска алатка во којашто пациентот ќе може да внесува податоци на дневно ниво и од нив ќе може да се увиди дали состојбата се влошува или не. Нешто што е мерливо, објективно и временски-зависно. Еден матичен лекар не може ефективно да следи десетици пациенти. Не сме во камено доба.

Организирајте се со сите јавни и приватни лаборатории и направете инфраструктура за редовно следење на крвни, биохемиски и имуни параметри на пациентите на домашно лекување. Лесно е да на дневно ниво да се испраќа тим за земање на крвни анализи, посебно во мали места. Прекрасните односи со ИЈЗ (јавна институција) и Авицена (приватна институција) со мене, Био Инженеринг и Жан Митрев клиниката се доказ дека сите можеме заедно да функционираме и да си помагаме меѓусебно.

Информацијата е секогаш моќ. Информација плус, уште поголема моќ. Само така ќе знаеме повеќе за реалната состојба на пациентот. И аман тестирајте ги сите што биле во контакт со позитивен, не кошта ништо.

А јас конечно ги посетив моите, со негативен тест пред и после посетата. Тие поминаа со лесно земајќи го поголемиот контекст на ситуацијата. Им посакувам на сите мои сограѓани лесно опоравување, а на останатите дисциплирано и одговорно следење на препораките за носење на маски, негрупирање и физичка дистанца.

*Првично објавено како Фејсбук напис и реобјавено тука со дозвола на авторот.

Претходен напис
КРАТКО И СЛАТКО: Технологијата како алатка во лекувањето на деменцијата
Следен напис
КРАТКО И СЛАТКО: Стетоскоп за мозок!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени
Споделете со пријателите