Биолошки науки

Персонализирана медицина? Зошто?

Сигурно барем еднаш сме присуствувале на разговор помеѓу луѓе кои за одредена здравствена состојба се на терапија со ист лек, меѓутоа кај едните лекот го постигнува очекуваниот терапевтски ефект, а кај другите предизивикува несакани ефекти или пак воопшто не дејствува. Која е причината за ова?

Персонализираната медицина е базирана токму на фактот дека пациенти со иста дијагноза и на иста терапија реагираат на различен начин. За да добиеме појасна претстава за ваквиот ефект, треба да ја познаваме фармакокинетиката (што организмот му прави на лекот) и фармакодинамиката на лекот (што лекот му прави на организмот), односно судбината на лекот во организмот и процесите низ кои поминува откако ќе ја испиеме таблетата (Слика 1).

Слика 1.
Слика 1. Фармакокинетика и фармакодинамика на лекот. (Преземено и прилагодено од European Patients Academy on Therapeutic Innovation, 2015)

По земањето на одреден лек, најпрво лековитата супстанција се ослободува од фармацевтската дозажна форма (таблета, капсула) и се апсорбира во гастроинтестиналниот тракт. Откако ќе се апсорбира, преку крвта се пренесува до целните ткива, односно местата на делување. Со самото навлегување во организмот лековитата супстанција веќе се метаболизира односно подлежи на процес на хемиска трансформација и разградување со посредство на ензимски системи за да се отстрани од организмот. Црниот дроб е главно место за метаболизам на лековите иако скоро секое ткиво има одредена способност за тоа. Со метаболизмот  всушност се формираат водорастворливи продукти кои полесно се исфрлаат од организмот преку урината или фецесот [1].

Брзината со која се одвиваат метаболните процеси го одредува траењето и интензитетот на фармаколошкиот ефект. Познавањето на факторите кои влијаат на изразувањето и функцијата на метаболните ензими е основа за објаснувањето на варијабилноста во одговорот на лекот. Во случаи кога постојат варијации во гените кои ги кодираат овие ензими како што е случајот со ензимите од цитохром П450 (CYP450) суперфамилијата (кои се одговорни за 70-80% од метаболизмот на лековите), метаболизмот на лековите може да биде забрзан или успорен и притоа разликуваме: „ултра брзи метаболизатори“ (со повеќе од два активни гени за одреден ензим), „брзи метаболизатори“ (со два активни гени), „средно брзи метаболизатори“ (најчесто со еден функционален ген) и „спори метaболизатори“ (отсуство на функционални гени) [2]. Кај ултра брзите метаболизатори лекот се метаболизира премногу брзо и истиот е отстранет од организмот пред воопшто да настапи фармаколошкиот ефект, додека кај спорите метаболизатори поради одложеното исфрлање на лекот настапуваат несакани ефекти или во случај на пролекови кога е потребна метаболна активација на лекот, ефектот е закаснет (Слика 2).

Слика 2.
Слика 2. Прилагодување на дозата со помош на фармакогенетско тестирање. (Преземено и адаптирано од Duke University, School of Medicine, 2013)

Интериндивидуалната варијабилност во одговорот на лекот е еден од главните проблеми со кои се среќаваме во клиничката пракса. Отстапувањата од очекуваниот терапевтски исход во смисла на појава на несакани ефекти или отсуство на фармаколошки ефект е асоцирано со низа последици од медицински и економски аспект. Конвенционалната медицина се води по начелото „ист третман одговара на сите“, додека  персонализираната медицина употребува различни пристапи за превенција, дијагностика и ефикасен третман на болестите со цел да се постигне маскимален терапевтски ефект со минимум несакани ефекти [3]. Овој концепт не значи дека постои специфичен лек за секој пациент, туку дека постои оптимален третман  за одредена група на пациенти кои имаат слични карактеристики на генетско или на молекуларно ниво на болеста.  Еден од пристапите на персонализираната медицина е фармакогенетското тестирање со кое се проучуваат генетските полиморфизми во ензимите, транспортерите и целните молекули, кои доведуваат до разлики во одговорот на лекот [4].

Македонската популација се карактеризира со високо полиморфен генетски профил и затоа во одредени клинички случаи се советува фармакогенетско тестирање и прилагодување на третманот за да се постигне саканиот фармаколошки ефект и да се избегнат несаканите ефекти [5]. Повеќе конкретни примери за примената на персонализираната медицина во клиничката пракса во некој од наредните текстови.


Нови термини:

Ензимски системи – група на биолошки макромолекули (најчесто протеини) кои катализираат специфични биохемиски реакции во живите клетки.

Генетски полиморфизам – е постоењето на два или повеќе алели за определен ген при што фреквенцијата на реткиот алел во определена популација е поголема од 1%. Алели се различни облици на еден ист ген.


  1. Shargel L, Applied biopharmaceutics and pharmacokinetics. , 6th Ed. Ch. 20, 565–616, (2012)  ↩
  2. Ingelman-Sundberg M, Sim SC, Gomez A, Rodriguez-Antona C. Influence of cytochrome P450 polymorphisms on drug therapies: pharmacogenetic, pharmacoepigenetic and clinical aspects. Pharmacol Ther. 2007 Dec;116(3):496–526  ↩
  3. Morse BL, Kim RB. Is personalized medicine a dream or a reality? Crit Rev Clin Lab Sci. 2015 Feb;52(1):1–11  ↩
  4. Shastry BS. Pharmacogenetics and the concept of individualized medicine. Pharmacogenomics J. 2006 Jan-Feb;6(1):16–21.  ↩
  5. Kapedanovska Nestorovska A, Jakovski K, Naumovska Z, Hiljadnikova Bajro M, Sterjev Z, Eftimov A, Matevska Geskovska N, Suturkova L, Dimitrovski K, Labacevski N, Dimovski AJ. Distribution of the most Common Genetic Variants Associated with a Variable Drug Response in the Population of the Republic of Macedonia. Balkan J Med Genet. 2015 Apr 10;17(2):5–14  ↩
генетски полиморфизмиперсонализирана медицинафармакогенетика
Претходен написи
Како гениталната смегма се најде на патоказот на нови возбудливи начини за демократизирано ДНК секвенционирање
Следен напис
Абортус со помош на пилула – денес е реалност

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите