Биолошки науки

Абортус со помош на пилула – денес е реалност

Во голем број на земји во светот и денеска абортусот како метод за прекин на бременоста, за жал се уште е табу тема. И покрај општествениот и медицинскиот напредок во светот, абортусот се уште се користи и како контрацепција и контрола на раѓањата. Проследен е со многу физички, емоционални и психички последици за една жена во репродуктивниот период и токму поради тоа секоја жена треба да има право на слободен избор, право на сигурен и легален абортус и целосна информираност за процедурата.

Во просек околу 41% (85 милиони) од вкупно 208 милиони бремености годишно во светот се непланирани , а половината од нив завршуваат со абортус [1]. Во современи методи за прекин на бременоста спаѓаат традиционалниот, хируршки (инструментален) абортус и медикаментозниот (фармаколошки) абортус.

Од страна на СЗО препорачан метод за хируршки прекин на бременоста е вакуум аспирација (мануелна или електрична) при гестациска старост од 12-14 недели. Дилатацијата и евакуација (Д&Е) или киретажа е уште еден метод за хируршки прекин на бременоста кој се препорачува да биде заменет со вакуум аспирација.

Медикаментозниот абортус веќе неколку години се користи во повеќе европски земји и претставува неинвазивен метод за прекин на бременоста со користење на лекови според одреден протокол во зависност од гестациската старост на бременоста. Во земјите во кои се достапни двата метода за прекин на бременоста жената сама одлучува кој тип на абортус го преферира. Во Македонија медикаментозниот абортус сè уште не е официјално достапен метод за прекин на бременоста, а единствено достапен е хируршкиот абортус кој спаѓа во инвазивни методи.

Слика 1
Слика 1. Абортус со помош на пилула (Превземена од: http://www.bangkokpost.com/learning/learning-from-news/372829/doctors-back-abortion-pills)

Најчесто употребувани лекови за изведување на медикаментозниот абортус се Mifepriston (попознат како RU-486) и Misoprostol (Cytotec) и се администрираат во првиот триместар на бременоста (до 9-та или 12-та недела). За да се зголеми ефикасноста се препорачува користењето на комбинација од двата лека, или поточно најпрво се администрира Mifepriston (орално) кој го иницира абортусот, а после два дена се администрира Misoprostol кој предизвикува контракции и помага во исфрлањето на продуктите на концепцијата од утерусот. Mifepriston-от спаѓа во групата на антипрогестини или блокатори на прогестеронот. Misoprostol-от претставува синтетски аналог на простагландинот Е1 и има неколку начини на администрација: орална, вагинална, сублингвална или букална.
Во повеќе студии докажано е дека медикаментозниот абортус е сигурна и ефикасна метода за прекин на бременоста, со регистрирана стапка на успешност или ефикасност од 95% [2]. Негови предности во споредба со хируршкиот се ниската цена и можноста за изведување во домашни услови доколку се има обезбеден пристап до соодветна здравствена установа во случај на потреба. Можноста за прекин на бременоста без операција и анестезија и секако отсуството на потенцијалните компликации кои ги носи со себе хируршката процедура го прават медикаментозниот абортус лесно прифатлив за жените.

Како и да е, секоја тераписка процедура е проследена со одредени недостатоци и компликации. Некои од недостатоците на медикаментозниот абортус се: пообилно и подолготрајно крварење, повеќе болка како и поголем ризик од нецелосно завршување на процедурата за прекин на бременоста која најчесто се завршува со хируршка процедура. Инфекцијата е компликација заедничка за двата метода за прекин на бременоста и се јавува во помалку од 1% од случаите [3]. Дури и во случај кога жената се одлучува за медикаментозен абортус, постојат одредени медицински контраиндикации за негово изведување како што се: ектопична бременост, постоењето на интраутерина контрацепција, долготрајна системска терапија со кортикостериоди, алергија на некои од лековите и болести поврзани со нарушување на коагулацијата.

Земајќи ги во предвид ефикасноста и безбедноста на медикаментозниот и хируршкиот абортус како и компликациите кои ги носат со себе, воведувањето на медикаментозниот абортус во пракса претставува воведување на соодветен алтернативен метод за прекин на несакана бременост, а воедно овозможува и поголем избор во донесувањето на една од најтешките одлуки во животот на една жена.


Поважни термини:

Гестациска старост на бременоста – се пресметува како број на денови или седмици од првиот ден на последната менструација.

Прогестерон – познат и како „ хормон на бременоста“, спаѓа во групата на стероидни хормони.Се произведува од страна на жолтото тело во јајчниците и плацентата. Неопходен е за одржување на бременоста.

Простагландинот Е1 – спаѓа во групата на простагландини, кои претставуваат биолошки активни, липидни супстанци кои се добиваат по ензимски пат од масните киселини. Се наоѓаат во голем број ткива во животинските организми и имаат најразлични функции (меѓу кои спаѓа и индукцијата на пораѓај).

Ектопична бременост – онаа бременост при која оплодената јајце клетка се развива надвор од матката (најчесто во јајникот, во некој од јајцеводите или било каде во абдоминалната празнина.

Потенцијални компликации на хируршиот абортус – цервикална лацерација, утерина перфорација и утерина атонија кои можат да имаат долгорочни последици како што е стерилитет поради постоењето на лузни на матката.


  1. Safe Abortion: Technical and Policy Guidance for Health Systems. 2nd edition. Geneva: World Health Organization, 2012. ; b) Lohr Patricia A, Fjerstad Mary, DeSilva Upeka, Lyus Richard. Abortion BMJ 2014; 348 : f7553  ↩
  2. American College of Obstetricians and Gynecologists (ACOG). Practice bulletin no. 143: medical management of first trimester abortion. Obstet Gynecol. 2014 Mar;123(3):676–92.  ↩
  3. Lohr Patricia A, Fjerstad Mary, DeSilva Upeka, Lyus Richard. Abortion BMJ 2014; 348 : f7553  ↩
MifepristonMisoprostolRU-486абортусбиологијамедикаментозен абортусмедицинахируршки абортус
Претходен написи
Персонализирана медицина? Зошто?
Следен напис
Црвено вино или сок од цвекло – во која чаша се крие тајната за подолг живот?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите