Биолошки науки

Витамин Д – витамин на среќата?

Дали некогаш сте се запрашале зошто сме добро расположени кога времето е сончево, а уморни и без енергија кога е тмурно или врнежливо? Причината за ова можеби лежи токму во витаминот Д.

Витаминот Д се разликува од останатите витамини, по тоа што е единствениот витамин, кој телото може да го произведе. Неговата синтеза започнува во кожата, каде под влијание на сончевата светлина (поточно УВБ зраците со бранова должина од 290 до 320 нм) 7-дехидрохолестерол преминува во пре-витамин Д3, којшто понатаму се претвара во витамин Д3 (холекалциферол). Сончевата светлина строго ја регулира синтезата на витаминот Д3 каде прекумерната изложеност на сонце води до негова фотолиза односно разградување. Други фактори кои влијаат при намалување на синтезата на витаминот Д се: стареење, потемна пигментацијата на кожата и употреба на креми со заштитен фактор. Интересно е што, правилна употреба на крема за сончање со заштитен фактор 15 (2 мg/cm2) ја намалува синтезата на пре-витамин Д3 за повеќе од 99% [1]. Втората специфичност на витаминот Д е неговото делување како хормон во одржувањето на хомеостаза на калциум и фосфор и минерализација на коските.

Синтеза на витамин Д во кожата, негова активација и функции во телото
Слика 1. Синтеза на витамин Д во кожата, негова активација и функции во телото.

Болест за која се знае веќе 200 години и која е предизвикана од недостаток на витамин Д е рахитис, каде доаѓа до деформација на коските [2]. Предмет на истражување во последните неколу години се не-скелетните ефекти на витаминот Д: регулирација на жиботниот циклус на клетките, учествo при развој и функцијата на имунолошкиот систем, панкреасот и невроните. Недостаток на витамин Д се поврзува со кардиоваскуларни заболувања, метаболен синдром и различни типови на рак. Најновите студии покажуваат дека токму недостатокот на витамин Д може да доведе до депресија и други психички заболувања (шизофренија, аутизам, мултипла склереоза, деменција…) [3].

Споредба помеѓу нормални и рахитични коски
Слика 2. Споредба помеѓу нормални и рахитични коски.

Храна, природно богата со витаминот Д е реткост, но најмногу го има во рибата, млекото, млечните производи, жолчката, квасецот и црниот дроб. Фармаколошки, витаминот Д се користи во дози од 400 до 1000 интернационални единици [6] на ден. Заради невропротективното и имуномодулаторното дејство, витамин Д е потенцијална состојка во терапија на тумори на мозокот и невродегенеративните болести [4]. При конзумирањето на додатоци со витамин Д, потребно е внимание и следење на советите на лекарот и фармацевтот, бидејќи прекумерено внесување може да доведе до токсичност и потенцијални штетни ефекти [5].


  1. Matsuoka, L. Y., Ide, L., Wortsman, J., MacLaughlin, J. A., & Holick, M. F. (1987). Sunscreens suppress cutaneous vitamin D3 synthesis. The Journal of Clinical Endocrinology and Metabolism, 64(6), 1165–8. doi:10.1210/jcem–64–6–1165  ↩
  2. Resurrection of vitamin D deficiency and rickets. The Journal of Clinical Investigation, 116(8), 2062–72. doi:10.1172/JCI29449  ↩
  3. Penckofer, S., Kouba, J., Byrn, M., & Estwing Ferrans, C. (2010). Vitamin D and depression: where is all the sunshine? Issues in Mental Health Nursing, 31(6), 385–93. doi:10.3109/01612840903437657  ↩
  4. Hossein-Nezhad, A., & Holick, M. F. (2013). Vitamin D for health: a global perspective. Mayo Clinic Proceedings, 88(7), 720–55. doi:10.1016/j.mayocp.2013.05.011  ↩
  5. Nimesh, M., Singh, P., Jhamb, U., & Dubey, A. P. An Unsuspected Pharmacological Vitamin D Toxicity in a Child and its Brief Review of Literature. Toxicology International, 22(1), 167–9. doi:10.4103/0971–6580.172284  ↩
  6. Eдна интернационална единица одговара на 0.025 µg витамин Д.
витамин дздравјехолекалциферол
Претходен написи
Сеприсутна компјутерска обработка: од паметни уреди до паметни средини
Следен напис
Како се шири информацијата за антибиотска резистенција помеѓу бактериите?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.