Даниела Милошеска
3 написи
Даниела Милошеска е тетовчанка која основното образование го завршува во ОУ “Коста Рацин” во Брвеница како најдобра во генерацијата, учествувајќи на голем број натпревари и активно тренирајќи карате и ракомет. Љубовта кон природните науки ја развива со професорите во тетовската гимназија “Кирил Пејчиновиќ” каде ги поминува најубавите средношколски денови дружејќи се со најдобрите математичари, хемичари и физичари во регионот. Своето образование го продолжува на Фармацевтскиот факултет во Скопје каде ги завршува петогодишните студии во рекордно време, со највисок просек во својата генерација и се здобива со назив магистер по фармација. По завршувањето на додипломските студии и полагањето на стручниот испит за фармацевти, неколку години се посветува на поставувањето на својата аптека и развивањето на менаџерски способности. Секојдневниот контакт со пациенти со различни заболувања, желбата за стручно усовршување и нејзиниот истражувачки дух ја водат на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Р. Словенија, каде во 2011 година се запишува на постдипломски докторски студии по Биомедицина, поле фармација, на Катедрата за биофармација и фармакокинетика. Нејзините студии се финансирани од страна на Јавниот склад за развој на кадри и стипендии на Р. Словенија. Во фокусот на нејзиното истражување е развојот и валидацијата на биоанализни методи, дизајнирањето на клинички студии, фармакогенетското тестирање и развојот на популациски фармакокинетични модели за индивидуализација и оптимизација на терапијата со лекови. Од март 2016 година е доктор на науки и е автор на неколку научноистражувачки трудови. Во моментов е активна како претседател на Здружението на фармацевти на Република Македонија и се подготвува за нови животни предизвици.



