Проф. Гулабоски, во моментов сте декан на факултетот за медицински науки на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, но би можеле ли да ни кажете нешто повеќе за вашите почетоци?
Најпрво да Ви се заблагодарам за поканата да учествувам во еден разговор за Вашиот портал. Вистинска реткост е денес во овие турбулентни времиња да наидеш на ентузијастички портал чија главна цел е науката. Секоја чест за ентузијазмот на целиот ваш тим. Јас сум инаку роден прилепчанец што завршил додипломски и магистерски студии на Институтот за хемија при ПМФ на УКИМ во Скопје. Сум имал голема среќа да се запишам на тој факултет, каде што, без лажна скромност, работеа и сѐ уште работат голем број од најдобрите професори и најдобрите научници не само од Македонија туку и од бившите ЈУ простори. Ако имате Институт каде што работат неколку академици (Шоптрајанов, Јовановски), извонредни научници како Владо Петрушевски, Зоран Здравковски, Иван Грозданов, Стафилов, Стефов, Мирчески, Алексовска, Шоптрајанова, Пејов, а во мое време имаше и одлични асистенти (тогаш Валентин Мирчески, Слоботка Алексовска, кои сега се веќе успешни редовни професори), тогаш само по себе кажува за каква институција се работи. Институција со 40-тина вработени, но која има публикувано 35% од трудовите со Импакт Фактор во цела Македонија и од каде потекнуваат и работат 10 од најцитираните 15 научници од Македонија. После моето магистрирање во 2001 година под менторство на проф. Валентин Мирчески и проф. Корнелија Стојанова, во 2001 година како прв студент од Македонија добив стипендија за докторски студии од реномираната германска фондација за размена на студенти ДААД. Во 2001 година како докторант се приклучив во групата на проф. Fritz Scholz, на Ernst Moritz Arndt University-Greifswald, во Германија. Таму во 2004 година ја одбранив мојата докторска дисертација, а истата година добив и стипендија за постдокторски студии на Универзитетот во Порто, Португалија, каде престојував од 2004 до 2008 година. Во февруари 2008 година пак се вратив во Германија, на Универзитетот во Саарланд, при Медицинскиот факултет во Хомбург, но сега како постдокторант на Alexander von Humboldt фондацијата, што е најдобрата светска фондација за стипендирање на врвни научници. Од септември 2009 година се вработив како професор на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Од тогаш па сѐ до денес сум член на УГД.

Ќе можете ли накратко да ја појасните вашата научна работа? Што е во фокусот на вашата научноистражувачка работа?
Нашата научноистражувачка работа е од областа на Биоелектрохемијата и таа е извонредно интердисциплинарна и апликативна научна дисциплина во неколку полиња како што се Биомедицината, Физиологијата, Фармацијата, Хемијата и Физиката. Работиме во повеќе правци што се главно насочени кон фундаментално изучување на својствата на голем број на лекови и физиолошки активни супстанци. Така на пример, за техниките со кои ние работиме развиваме теоретски (математички) модели со кои можеме да опишеме многу својства на дадени супстанци или лекови, како што се потенцијалот за размена на електрони на тие супстанци, механизмот на нивно дејство, механизмот на интеракциите помеѓу дадени супстанци и други таргети, механизмите на трансфер на дадени лекови преку биолошки мембрани, реактивноста на дадени супстанци и сл. Сите овие студии помагаат во голема мерка при дизајнот на нови лекови, како и при испитувањето на физиолошките својства на лековите или на дадена класа на физиолошки активни супстанци. Во последните 7-8 години работиме и на синтеза на нови витамини (силни антиоксиданси) што се деривати на соединението Coenzyme Q, како и на испитувањето на физиолошките својства на тие витамини. Овие нови соединенија се потенцијални антиканцерогени супстанци, патентирани во интернационален патент на ЕУ и нашата работа во последните неколку години е фокусирана на тој сегмент-испитување на дејството на физиолошките својства на новите деривати на Coenzyme Q.
Автор сте на научни трудови и монографии кои се објавени во научни списанија со импакт фактор и сте еден од најцитираните македонски автори. На што би го припишале вашиот успех?
Публикувањето на научни резултати во врвни списанија е сериозен процес што бара напорна работа, голем ентузијазам, многу среќа и големи финансии. Јас сум на почеток на 40-тите години од животот што е релативно рана возраст за сериозен научник, а веќе имам публикувано повеќе од 70-тина трудови во списанија со Импакт фактор, автор сум на 3 интернационални монографии, еден интернационален електрохемиски речник и голем број на поглавја во интернационални книги, а сум еден од десетте најцитирани научници во Македонија. За да се постигне сето тоа за кратко време (во науката сум вклучен 17-тина години, што е релативно краток период) потребно е да имаш тим до себе од ентузијасти, потребно е да имаш тим од врвни ментори и многу среќа. Зошто кажувам дека е потребно да си ентузијаст? Науката во Македонија не е платена дејност, нема многу пари ако работиш наука, па најчесто почнуваме скоро од нула, со голем ентузијазам работиме во тешки услови, се снаоѓаме за хемикалии како знаеме и умееме, но не се откажавме во годините кога беше најтешко, а тешко и сега да се откажеме. Потребна е соработка со ментори или професори кои исто така треба да се ентузијасти и кои несебично ќе ти го пренесат нивното знаење. Среќа сум имал што до мене секогаш биле проф. Мирчески Валентин, проф. Миливој Ловриќ, проф. Фриц Шолц, проф. Маркус Хот, проф. Наталија Кордеиро, проф. Иван Богески, проф. Рајхард Каппл, кои несебично ми помогнале и со идеи и со дискусии и со финансии. Тие професори биле и сѐ уште се ентузијасти и фанатици во науката. Треба во науката и голема среќа, бидејќи големите откритија најчесто доаѓаат случајно. Ние сме ја имале таа среќа сите коцки некако да се поклопат во нашиот научен пат, сум имал супер ментори, сум имал одлични соработници, сум имал предуслови (обезбедени од странски фондации) за работа во науката и не послужила среќата да откриеме нешто за што само сме можеле да сонуваме. А како што кажав, науката не е платена, има огромна работа, голем број непроспиени ноќи, многу откажувања, но на крај задоволството е големо кога ќе откриеш нешто од кое цело човештво може да има корист. Ете, ние иако сме мала група, анонимци сме за најголемиот дел од општеството, станавме први Македонци што публикувале во најреномираните светски списанија како Nature Scientific Reports, Journal of the American Chemical Society.., списанија каде што ни 95% од научниците од УСА не можат да публикуваат. Откривме неодамна механизам за природно модифицирање на енергијата во живите суштества, откривме модификација за механизмот на митохондријален електронски транспорт, механизам за кој е добиена Нобелова награда за хемија во 1979 година. Тоа е она што не прави горди и среќни.

Неодамна се најдовте на листата најдобри професори во државава. Како се снаоѓате во улогата на професор и декан и како се одлучивте да продолжите со вашата научна работа во Македонија?
Навистина без радосен што неодамна во анкета на еден студентски портал www.fakulteti.mk бев избран од студентите за еден од десетте најдобри професори во Македонија. Тоа беше големо признание и за мене и за УГД. Посебно што сите професори на таа листа беа од општествените науки, а јас бев единствен од природните и медицинските науки. Инаку тоа што ме прави среќен е што студентите знаат да препознаат кој искрено се залага, кој несебично пренесува знаење, кој се труди да објаснува и да им помогне, да ги упати, да се бори за нив и знаат да го вреднуваат тоа. Кога ќе ја видите таа листа на најдобри професори во Македонија, на која фигурираат имиња како академик Таки Фити, Венко Андоновски, Бобек Шуклев.., гордост е и за еден анонимец како мене да се најде таму и сум благодарен на сите студенти. Инаку мојата функција како декан ја сфаќам пред сѐ како админстративна обврска. Го имаме еден од најголемите факултети во Македонија со повеќе од 2600 студенти, имаме голем број на обврски, имаме комплексен систем со 9 студиски програми на прв циклус на студии, имаме 15 студиски програми на специјалистички и магистерски студии, 4 студиски програми на Трет циклус (докторски студии), лекарски специјализации, клиничка настава, имаме посебни закони за Општа медицина.., и можете само да претпоставите со толкав број на обврски како и колку човек може да се фокусира на науката. Но, во овој период студентите се на прво место и така ќе биде и во иднина. Сите работиме во решавање на нивните проблеми и што е најважно работиме на нивно вклучување во нашите проекти, сакаме да им го отвориме патот кон иднината на нашите студенти. Проблеми има голем број, но со помош на вработените професори и асистенти, се надминуваат најголем број на проблемите. Јас мојата функција ја гледам и сега и во иднина како професор и научник, не како декан или во било која друга функција. Тоа е она што ме исполнува и таму можам најмногу да придонесам и да помогнам.А се вратив во Македонија повеќе или помалку од патриотско-носталгични причини. Едноставно, 10-тина години да бидеш надвор од Македонија не е малку, платата што ја земам во Македонија е 4-5 пати помала од таа што сум ја земал во Германија, но предностите се други. Тука се другарите, тука се пријателите, тука се студентите, тука можеш без бариери да го зборуваш својот јазик, тука се дружбите, тука е фамилијата, но врските со соработниците од Германија, Швајцарија, Португалија, Италија, Полска, сеуште се активни. Можеби пресудно за моето доаѓање во Македонија беше визијата на проф. Саша Митрев, првиот Ректор на УГД. На првата средба со него во февруари 2009 година, веќе ми стана јасно дека има сериозни намери за развој на УГД и тоа можеби беше главниот импулс за моето враќање во Македонија. Од почеток па сѐ до ден денешен имам голема поддршка за мојата работа и од првиот Ректор на УГД проф. Митрев и од сегашниот ректор проф. Боев и сум благодарен за целиот нивен ангажман во реализацијата на нашите активности.
На кој начин ги финансирате вашите научноистражувачки проекти? Дали имаме државни фондови за финансирање на научноистражувачка работа и колку нашите универзитети се конкурентни за странски фондови?
За жал, во Македонија никогаш немало сериозни интереси за развој на науката. Пред некоја година се набавија голем број на инструменти за научноситражувачка работа, што е можеби единствената инвестиција во науката во Македонија од осамостојувањето. Но, кога ќе погледнам години наназад, се издвојуваат минимални средства за науката. Не верувам дека за наука, за научноистражувачките работници во цела Македонија се издвојуваат повеќе од 1 милион евра годишно. Само за илустрација, на катедрата каде што работев во Хомбург и каде што сѐ уште сум аткивен член, имаме фонд од барем 10 пати поголеми суми за наука. Во Македонија главно нашата работа ја финансираме преку проекти од фондациите ДААД, Alexander von Humboldt, преку помош од Универзитетите каде имаме добри соработки од Германија, а еден дел од пред три години се финансира и преку проекти од УГД. Тоа е голем исчекор, што колку-толку матичниот Универзитет може да ни помогне за да реализираме одредени научни испитувања. Но сѐ тоа е многу далеку од тоа што е неопходно за сериозна наука. Овие средства што ги добиваме се средства за т.н. научно преживување. За да се работи сериозна наука, потребни се најмалку 2-3 докторанти, 2-3 магистранти, еден лаборант, пристап до современи инструментални техники, скапи хемикалии… Без тоа, незамисливо е да се реализираат сериозни научни испитувања. Доколку некој го чита овој разговор, можам само да предложам нешто што би можело да биде ефикасен начин на финансирање на науката во Македонија: Сите релевантни фактори од Македонија нека определат од дадени дисциплини кои научни подрачја и кои научни групи се вредни да се финансираат (тоа лесно можат да го детектираат според учинокот на научниците во Македонија) и нека определат некој годишен фонд за тие 150-тина научници во Македонија. Но, нека финансираат главно позиции за докторанти и магистранти, нека тие студенти што работат наука во мојата или други лаборатории добиваат барем скромна плата преку фондови на државата. Така барем ќе имаме луѓе што ќе работат, а за останатиот дел ќе се снајдуваме ние. Инструментални техники во Македонија со последните проекти на владата на РМ има доволно, но штета е што голем број од тие инструменти на некои универзитети не се ниту отпакувани. Денес најтешко е да се најде студент што ќе го заинтересираш да работи научна работа, без пари, тешко дека некој ќе се согласи да работи наука.
Колку студентите на додипломски и постдипломски студии се инволвирани во истражувачка работа за време на нивните студии и дали има услови тоа да им се овозможи?
На УГД постојат солидни услови за научноистражувачка работа во природните, техничките, рударските и биотехничките науки. Постојат на Кампус 2 и на Кампус 3 научноистражувачки лаборатории што секој може да ги користи и каде студентите и во минатото, и сега и во иднина ќе може да работат научноистражувачки проекти. На Општествените науки секогаш има услови. На Факултетот за медицински науки проблем главно во моментот е Биомедицината-Генетиката, Физиологијата… Но и таму се прават напори за скоро време преку донации да се обезбедат неопходните услови и инструменти за научноситражувачка работа. За Фармацијата има дел од Радиофармацијата што е исклучително добро опремен, само треба да се стави во активна функција. Нашата група има одлични предуслови за наука, имаме донирани инструменти што се доволни за голем број на испитувања во Биоелектрохемијата и Фармацијата.
Што би им препорачале на идните македонски научници?
На секој што сака да работи наука во Македонија прво би му препорачал да најде добар и искрен ментор со кого ќе може да работи. Треба да е свесен дека за малку пари мора многу да работи, но дека парите не се основата на сѐ. Има други аспекти и моменти што го прават животот поубав. Ме радува што голем број од моите студенти на медицина и фармација се ензтузијасти, се вклучуваат во проектите и во научните истражувања, еве за 10-тина дена веќе самите студенти организираат студентски симпозиум каде ќе презентираат дел од нивните резултати и тоа ме радува, има ентузијазам, има енергија кај нив. Ние се трудиме да најдеме стипендии за најдобрите, да ги вклучиме во проекти, да им помогнеме, да им дадеме совети и идеи и тоа ќе го правиме и во иднина. Едноставно, науката е основниот столб за развојот на секое општество, а младите се тие што мораат да го направат тој исчекор. На УГД и во Македонија имаме одлични студенти со кои може да се гордееме и што имаат огромен потенцијал да се занимаваат со наука во иднина. Им треба упорност и мотивација, а пари ќе се најдат.
За крај, кое е вашето мислење за порталот „Наука за сите“?
Како што кажав на почетокот од овој разговор, бев пријатно изненаден од постоењето на еден ваков научен портал како Вашиот. Баш се израдував што ентузијасти како Вас работат така успешно и што се трудат на поширокиот аудиториум да ги пренесат најзначајните и најинтересните научни достигнувања. Продолжете само така, ќе биде тешко, потребни се средства за одржување на таков портал, но најважното го имате – желба, мотивација и ентузијазам. А имате и солидна бројка на читатели и тоа ме радува. Ви посакувам сѐ најдобро во иднина и на личен и на професионален план.