Неодамна, на обострано задоволство, официјално започна соработката на “Наука за сите“ со Организацијата за мапирање на човечкиот мозок (OHBM – Organization for Human Brain Mapping), чијшто член и блог координатор е проф. Никола Стиков.
За оние што не го познаваат Никола, тој ги има завршено дипломските и докторските студии на Универзитетот Станфорд (САД), а моментално е професор по биомедицински инженеринг на Универзитетот во Монтреал, Канада. Во последниве неколку години тој е посветен на иницијативата за поефективна и координирана научна комуникација меѓу научниците во неговото поле на истражување (невровизуелизација и магнетна резонанса), но и кон поизразита достапност на науката до пошироката јавност. Како што вели со свои зборови:
“Мојата цел е да се создадат медиуми и канали за научна комуникација коишто ќе ги презентираат научните трудови во нашето поле на еден многу потранспарентен и поразбирлив начин. Така ќе помогнеме трудовите да си ја најдат вистинската публика, а јавноста, како и агенциите кои доделуваат грантови, да имаат подобар увид во истражувањата на одреден научник.“
За оваа цел, тој не само што го води блогот на OHBM, туку е и уредник на секцијата Highlights во научното списание Magnetic Resonance in Medicine, како и гостин уредник на научното списание Neuroimage. Некои од написите што ги уредува се објавуваат и на Huffington Post, а цитирани се и во New York Times, што овозможува поефективно доближување на науката до пошироката јавност.
Поттикнати од заедничката соработка, решивме да поразговараме повеќе за начинот на којшто Никола работи на оваа иницијатива, како и за неговите размислувања на тема научна комуникација.

Од каде интересот за поинтерактивна научна комуникација?
Интересот е веројатно од мали нозе. Како поинаку да го објаснам тоа што со татко спортски новинар и мајка професор по медицина, станав инженер кој се обидува да комуницира со јавноста за биомедицински истражувања? Најверојатно по осмоза, влијанието на татко ми како новинар ме натера да размислувам како научниците можат подобро да комуницираат меѓу себе, а и со пошироката јавност. Ова веќе го имаме во спортските медиуми, каде што докажани врвни спортисти ја споделуваат својата експертиза и уникатна перспектива на врвни спортски настани преку директно или одложно коментирање. Ние се обидуваме да направиме нешто слично и со научниците.
Како точно започна со овој тип на научна комуникација?
Започнав со многу часови сурфање на интернет, дознавајќи какви сè проблеми има во нашата научна заедница во поглед на објавувањето трудови, аплицирањето за фондови и медиумското покривање на нашите истражувања. Информациите ги ферментирав за време на докторските и постдокторските студии, а иницијалната каписла беше кога по повеќегодишна активност во меѓународното здружение за магнетна резонанса, ISMRM, бев замолен од уредникот на списанието Magnetic Resonance in Medicine да помогнам во приближувањето на науката објавена во ова списание до поширокото членство на здружението. Откако ми беше предадена палката, решив да започнам со серија интервјуа со проминентни автори. Интервјуираме научници на кои модерната медицина им должи многу, но сепак малку знаеме за нив оти полето станува сè поспецијализирано и сè помал број од нас држат чекор со сите научни трудови во едно списание. Посебно ми е драго што имавме шанса да го интервјуираме Ервин Хан (Erwin Hahn), еден од пионерите на магнетната резонанса, кому, за жал, тоа му беше и последно интервју пред да почине во ноември 2016. Мислам дека со тоа интервју му оддадовме должна почит и на некој начин обезбедивме континуитет кон новата генерација на научници во полето.

Кажи ни нешто повеќе за она што го правиш моментално и кој начин најчесто го избираш за ваквата комуникација?
Моментално мојата цел е да се зголеми “сигналот“ во научната комуникација и тоа го правам преку двата блога што ги водам (Highlights и Brain Mapping), најчесто преку пишана форма, но имаме и YouTube канали со различни видео содржини (тука и тука). Сакам да создадеме критична маса на луѓе кои се заинтересирани да ги поддржат овие иницијативи во едно многу конкретно поле, а тоа е медицинската визуелизација (Мedical Imaging). Во рамките на двата блога, досега се објавени околу 100 текста за кои придонеле преку 150 научници, дел како учесници во интервју, а дел како автори на текст. Во полето на невровизуелизација тоа е завидна бројка. Доколку успееме да убедиме добар процент од луѓето во полето дека ова што го правиме е корисно, потребно и читано, тогаш може да размислуваме и за следни чекори. Ова е иницијатива на долги патеки, така што чекор по чекор регрутираме научници кои ќе ги прифатат принципите на отворена, транспарентна наука. Пример за еден таков чекор е реакцијата на нашето здружение кога неколку големи медиуми објавија дека функционалната магнетна резонанса е во длабока криза. Нашата реакција беше објавена на блогот на OHBM, пренесена од Huffington Post, а потоа и цитирана во New York Times.

Дали практикуваш и други начини на научна комуникација?
Мојот прв обид да комуницирам со јавноста беше Конференцијата за магнетна резонанса што се одржа во Охрид во 2008 година (http://www.mrbalkan.org). Организирањето на овој собир, на кој дојде научниот крем од Здружението за магнетна резонанса (ISMRM), беше потпомогнато од повеќе македонски научници, како Горазд Росоклија (Columbia University), Момир Поленаковиќ (МАНУ), Борјан Гагоски (Harvard University)… Помогнаа и многу други луѓе, вклучувајќи го и Симон Трпчески кој настапи на отворањето на конференцијата. За мене беше голема чест и мотивација да почувствувам дека кога нашата наука ќе излезе од својата ехо-комора, луѓе се интересираат и сакаат да знаат што е она на што работиме. Посебен интерес и ентузијазам забележав кај најмладите, студентите, и тоа беше вистинско освежување. Младите се многу поотворени за нови начини на комуникација и мислам дека моќта на иницијативата е во социјалните медиуми. Тимовите што ги водам се претежно составени од студенти, докторанти и пост-докторанти, кои се многу добро навикнати на новиот “инстант“ начин на комуникација и знаат одлично да ги искористат социјалните медиуми за да стекнат поголема видливост и читаност. Организираме и други конференции, коишто се трудиме да не бидат сувопарни, туку повеќе да се одвиваат како спонтана дискусија помеѓу научници. Пример е претстојната speakeasy конференција за научна комуникација, што во април ќе ја одржиме во рамки на годишната конференција на ISMRM во Хонолулу. Се надевам дека успеваме да стигнеме и до оние што го претпочитаат печатениот збор, бидејќи објавуваме и магазин. Сè што е објавено во склоп на нашиот Highlights блог, издавачот Wiley го објавува и на хартија.

Зошто ни е потребно ефективно комуницирање на науката, а воедно и нејзино доближување до пошироката публика?
Ова е повеќеслојно прашање. Научната комуникација датира уште од 1665 година, со објавувањето на првото научно списание, Philosophical Transactions (The Royal Society of London for Improving Natural Knowledge), издадено неколку месеци пред да се појави првиот весник (The London Gazette), така што оваа потреба е навистина многу стара. Во нејзината еволуција, во првите 200 – 300 години, научниците си зборуваат преку писма, конференции, во мала заедница, се познаваат еден со друг и знаат на што работат. Меѓутоа, со зголемувањето на бројот на научни трудови и научни издавачи, се зголемува и притисокот за објавување на трудови кои ќе допрат до јавноста, т.е. трудови кои ќе можат да бидат прифатени од мас-медиумите. Тоа е една од алките на ланецот што се стега околу сите нас научници, т.е. практиката на “објави или исчезни“. Кога ќе ги споите притисокот за објавување и добивање фондови за истражување, со притисокот кај медиумите да ја направат науката поинтересна, се добива магичен круг во кој научникот се мачи да дојде до збор. Поради ова, важно е да имаме канали и медиуми каде што полесно ќе ја оценуваме и разбираме меѓусебната работа и воедно ќе се ставиме во новинарската улога, не во борба за публицитет, туку во борба за транспарентна и колаборативна наука.
Како надоврзување на погоре кажаното, дали мислиш дека постои мера на скептицизам кај граѓаните во врска со науката?
Не знам каква била вербата во науката во минатото, но сигурно далеку помал број на луѓе се интересирале за неа. Меѓутоа, денес кога научните сознанија одѕвонуваат на социјалните мрежи, одеднаш нешто што е наменето за научници, продира многу, многу подалеку. Поради ова многу е важно истраженото трипати да се “измери“ пред да се “пресече“ и да се објави на Фејсбук.
Неодамна имаше написи од типот “Нутела може да предизвика рак!?“, што е пример за екстраполирано тврдење базирано само на еден научен труд што никаде во својата содржина експлицитно ја нема оваа информација.
Не можеме да очекуваме дека јавноста ќе го прочита оригиналниот извор пред да стисне лајк на Фејсбук. Токму затоа научниците треба проактивно да дејствуваат, да не оставаат секогаш медиумите да ја носат приказната (некогаш до екстреми), туку кога е потребно да ја симнат на земја и рационално да ги објаснат проблемите со одредена научна студија. Во науката има и грешки, меѓутоа научниот метод е отпорен на нив и сам се корегира. Ако ние успееме со нашите иницијативи да ја зајакнеме довербата во научниот метод како принцип, тогаш мислам дека јавноста многу полесно ќе прифати кога ќе се случи грешка.
Можеби не може целосно да се спречи, но како да се намали појавата и влијанието на ваквите сензационалистички написи кои може да се контрапродуктивни за науката и општеството?
Во инженерингот постои концепт на сооднос на сигнал со шум (SNR – signal-to-noise ratio). Во моментов сметам дека имаме доста шум во научната комуникација. Тој доаѓа од масовните медиуми, но и од самите академски издавачи кои објавуваат зголемен број на трудови со мала научна вредност. Тоа што јас се обидувам е наместо да се намали шумот, да се зголеми сигналот, односно да се изберат трудови/научници за кои вреди да се пишува. Ако успееме на мал број трудови да им ја зголемиме вредноста и видливоста преку внатрешен механизам, тогаш мислам дека тоа ќе ги направи и останатите канали на комуникација да обрнат повеќе внимание на тоа што го форсираат.
Дали пишуваш само од твојата област или се одлучуваш да пишуваш и на други теми?
Сè она напишано од мене, а поврзано со визуелизација на мозокот и магнетна резонанса е потпишано со мое име, како експерт. На други теми барем досега сум пишувал под псевдоним. Не сакам лажно да влевам авторитет за нешто во што сепак не сум експерт. Но, доколку можете да го прочитате тоа што е напишано под псевдоним и да ги видите аргументите, цитираните трудови и објективноста во пристапот, тогаш мислам дека тоа е корисно за сите. Кога пишувам на теми за кои не сум експерт, тежината на доказот треба да биде заснован исклучиво на изнесените аргументи.
Кое е твоето размислување за научната култура и комуникација во Македонија?
Иако често доаѓам во Македонија тоа што го гледам се статични, моментни слики за состојбите во науката. Не знам дали тоа ме прави повеќе или помалку објективен. Интернетот драстично го има збогатено пристапот до информации, но филтрирањето на оние вредните не е на соодветно ниво. Ова е светски тренд и Македонија не е исклучок. Инаку, моето искуство е позитивно и круговите во коишто се движам, како и научниците со кои соработувам, се информирани подеднакво како и моите колеги во странство. Затоа не мислам дека треба да се ставаме во подредена улога.
Кои би биле следните чекори што би требало да се превземат за подобрување на научната комуникација во Македонија?
Постојано настојувам да се зголеми присуството на меѓународно финансирана наука во Македонија. Не дека во моментов ја нема, но мислам дека во Македонија може да се работи уште повеќе наука, на уште повисоко ниво. За да се постигне тоа, потребно е сè да дојде на свое место, да се донесат средства, опрема,експерти… Меѓутоа тоа нема да се случи доколку кај јавноста не се создаде доверба дека и кај нас може да се работи квалитетна наука. Соработката со “Наука за сите“ е во духот на препознавање на потенцијалот на сајт со оригинални текстови напишани од домашни научници. Тоа е одличен начин да се заинтересираат што поголем број луѓе за ширење на идејата, а ако дел од нив решат и да ја продолжат својата кариера тука, тоа е зародишот на новата генерација на македонски научници.