Извор: Huffington Post
Тешко се наоѓаат читливи статии за интересни научни откритија што се напишани јасно — а камо ли написи доволно разбирливи да му ги читате на детето пред спиење. Но, еве ви една тајна: постојат текстови напишани од научници и одобрени, пред објавувањето, од деца.
Фронтирс фор јанг мајндс (Frontiers for Young Minds) е интернет-журнал специјализиран за текстови што содржат фундаментални информации наменети за луѓе што не се научници и, особено, за деца. Колку e јасно напишаното се проверува од најстроги критичари — децата. Понекогаш од едно дете, понекогаш од две, а понекогаш од цело одделение седмоодделенци. А едно од најубавите нешта во врска со овие текстови е што имињата и профилите на децата коишто ги рецензираат се објавуваат на веб сајтот на журналот. Тоа е дијаметрална спротивност на типично анонимната постапка на научно рецензирање. Всушност, сите журнали Фронтирс ги објавуваат имињата на рецензентите заедно со самите текстови. И како што беше посочено во едно неодамнешно издание на Њурон (Neuron), истото важи и за Фронтирс фор јанг мајндс.
На пример, читајќи дека организираноста на мозокот и мислењето може да бидат различни во различните култури, ќе видите дека четвртоодделенците на г-ѓа Томас од основното училиште „Маршал“ го рецензирале текстот. Или кога дознавате кои делови од мозокот се вклучени при именувањето песни, ќе откриете дека осумгодишниот Кришна го рецензирал текстот и сака, во текот на неговиот живот, да ги употреби резултатите од истражувањата на ДНК за да оживее некој животински вид што е изумрен. Или дека Кејли, која го рецензирала текстот што опишува како се губиме додека читаме, сака да плива и да јаде тако. Текстовите се јасни, сликите се супер, а вие и вашите деца (или внуки, внуци, или ученици) може да го запознаете мозокот на разбирлив начин. И, ако ви се чита за други области, како здравје, астрономија, и наука за вселената, или за земјата и нејзините ресурси, бујрум! Сите тие области ги покрива Фронтирс фор јанг мајндс. Најдоброто од сево ова? Може да си ги симнете текстовите бесплатно.
Динамиката е фасцинантна — научници пишуваат статии надевајќи се дека ќе добијат одобрение од дете за да ги објават. Па сепак, зарем не треба да се стремиме кон тоа? Да објавуваме фундаментални сознанија со таква јаснотија и ритам што текстовите може да им се читаат на децата пред спиење? Еј, зошто да не? И не заборавајте, макар што текстовите се одобрени од млади умови, во нив може да уживаме сите без оглед на која возраст сме.
Кевин С. Вајнер (Kevin S. Weiner)
Кевин С. Вајнер (Kevin S. Weiner) е невронаучник и член на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок (Organization for Human Brain Mapping), а пишува за Тимот за комуникации/медиуми. Тимот за медиуми пренесува најнови информации и откритија за човечкиот мозок до вашите лаптопи, компјутери и мобилни уреди на невробиолошки пријатен начин. Повеќе информации за мапирањето на мозокот ќе најдете на www.humanbrainmapping.org/blog.