
Извор: Huffington Post
Читањето е основна способност што е клучна за успех во образованието. Во мигов, 5–15% деца на школска возраст имаат потешкотии во читањето, поради кои се наоѓаат на неповолна појдовна точка на училиште. Без соодветен начин за откривање на проблемите пред тие да се појават, не постои објективна методологија за дијагностицирање потешкотии во читањето. Нели би било одлично да може да се посочат невробиолошки биомаркери за потешкотии во читањето, и тоа за помалку од еден час? Врз основа на одредени неодамнешни откритија, се чини дека сме сѐ поблиску до остварувањето на таа цел.
Вајт-Швок (White-Schwoch) и колегите со употреба на електроенцефалограмски (ЕЕГ) снимки ги испитувале потенцијалните електрофизиолошки биомаркери за писменост кај децата од претшколска возраст. Снимањето со ЕЕГ се разликува од функционалната магнетна резонанса по тоа што ја определува електрофизиолошката активност на невронските реакции мерејќи од површината на скалпот. Така, не мора човек да легне во голем магнет, туку само да носи флексибилен шлем од електроди, што е лесно дури и за деца на тригодишна возраст. Вајт-Швок и колегите ја искористиле флексибилноста на мерењето со ЕЕГ за да ја снимат активноста од површината на скалпот како одговор на чуен слог („да“) кој им бил претставен на деца од 3 до 14-годишна возраст. Во овој експеримент за читање биле избрани звуци, бидејќи фонолошките пречки (т.е. пречките во обработката на звуци) се чести кај луѓето што имаат потешкотии во читањето.

Истражувачите се сосредоточиле на мерење мозочни реакции од една зона (мозочното стебло) оти тоа не изискува комплетна низа од 32 или 64 електроди и затоа е полесно да се спроведе и да се измери дури и кај новороденчиња. Овој тест дава и информации за внатрешното уво (ушната школка) и мозочните патишта за слушање. Неочекувано, изменетата реакција од мозочното стебло предвидела какви вештини за описменување и читање ќе имаат децата од претшколска и школска возраст една година подоцна.
Овие резултати покажуваат дека еден ваков едноставен преглед со ЕЕГ може да се употреби како потенцијален биомаркер за идната појава на потешкотии во читањето. Прегледот може да овозможи точни и брзи дијагнози кај деца со ризик од потешкотии во читањето дури и пред проблемите воопшто и да се појават.
Ципи Хоровиц-Краус (Tzipi Horowitz-Kraus)
Ципи Хоровиц-Краус (Tzipi Horowitz-Kraus) е невронаучник и член на Организацијата за мапирање на човечкиот мозок (OHBM; Organization for Human Brain Mapping), а пишува за Тимот за комуникации/медиуми. Тимот за медиуми на ОМЧМ пренесува најнови информации и откритија за човечкиот мозок до вашите лаптопи, компјутери и мобилни уреди на невробиолошки пријатен начин. Повеќе информации за мапирањето на мозокот ќе најдете на Human Brain Mapping.
Превод: М.Х.
Дополнителна литература:
- Bidelman GM,. Multichannel recordings of the human brainstem frequency-following response: scalp topography, source generators, and distinctions from the transient ABR. Hear Res, 2015, 323:68–80
- White-Schwoch T., et al., Auditory processing in Noise: A preschool biomarker for literacy. PLoS Biol., 2015, 13(7):e1002196