Голите слепи кучиња (Heterocephalus glaber) се фасцинантни животни. Слично како слепите кучиња во Македонија и на Балканот (Spalax leucodon), овие африкански глодари живеат под земја. Голите слепи кучиња формираат заедници од околу 300 единки, немаат крзно, можат да издржат до 18 минути без кислород и скоро воопшто не заболуваат од рак. Живеат неверојатно долго за вакви мали глодари, дури цели 30 години (глувците на пример, живеат само до 4 години).
Невообичаено за цицачи, нивната општествена структура е слична на структурата на пчелите, мравките и термитите. Една плодна кралица се пари со неколку мажјаци и раѓа работници кои не се размножуваат, туку собираат храна и се грижат за гнездото. Дел од работниците се поголеми и имаат функција на војници кои ја бранат колонијата.
Но можеби најчудната, неодамна откриена особина на голите слепи кучиња е дека не стареат. Попрецизно кажано, не стареат како сите останати цицачи. Кај цицачите, вклучувајќи ги тука и луѓето, веројатноста да се умре расте со текот на времето. После возраста од 30 години, веројатноста да починеме станува сè поголема како старееме: расте експоненцијално, се удвојува на секои 8 години. Кај голите слепи кучиња, веројатноста единката да умре е константна и не се менува со времето. Кај луѓето тоа би значело целиот живот да изгледаме и да го имаме здравјето како на 18 годишна возраст.
Како што пренесе списанието Science, ова откритие е резултат на повеќе од 30 години внимателно следење на голем број на голи слепи кучиња во лабораторијата на Рошел Бафенстаин. Таа деновиве работи во Калико, компанија организирана од Гугл со цел на истражување на долговечноста.
Причината за ваквата вечна младост и долговечност кај голите слепи кучиња веројатно е нивната необично висока активна поправка на оштетувањата на ДНК. Акумулацијата на оштетувања на генетскиот материјал во клетките е една од главните карактеристики на стареењето. Голите слепи кучиња имаат развиено необично ефикасен молекуларен механизам за отстранување на ваквите оштетувања. Она што сè уште не е познато, е што всушност се случува при крајот на животот на голите слепи кучиња – една можност е да доживуваат нагло стареење пред крајот на животот, некој вид на кратка старост, но за тој дел на нивниот живот податоци сè уште не се собрани.
Авторски права за насловната фотографија: Smithsonian’s National Zoo. Лиценца: (CC BY-NC-ND 2.0).