Во реалниот свет денеска го гледаме тоа што го предвидоа математичките прогнози пред една недела, дека со приближувањето на бројот на починати кон просечно 30 на ден ќе видиме и денови со 40 починати. За жал, тоа е сосема очекувано поради дисперзијата (растурањето) на бројките околу средната вредност. Да не заборавиме, пикот на умирањето доаѓа околу 15 дена по пикот на дневниот број на дијагностицираните, низ кој поминуваме деновиве.
На дијаграмот на Слика 1 се гледа дека средниот дневен број на починати моментално изнесува 27 и сé уште искачува, односно пикот на умирањето не е достигнат, иако на дијаграмот на Слика 2 гледаме како се формира пикот на дневното заразување.


Пикот на умирањето е точка на најголема болка и до неа не останува уште многу, но треба да се издржи. Треба да се издржи јуначењето од пред 15 дена и празните надежи дека ќе се случи чудо и дека бројот на испишани од болницте прилично ќе го надмине бројот на примени. Иако тој ден ќе дојде за околу 10 дена, намалувањето на бројот на хоспитализирани нема да биде толку реско како што си замислува ВФ и неговите советници. По којзнае кој пат морам да повторам дека за да опадне бројот на активните случаи мора да опадне базичниот репродукционен број R0 под единица (т.е. да настапи забавување на епидемијата) и тоа со добра резерва, значи под 0,9 неколку недели во континуитет.

Но, тоа со овие мерки нема да се случи. Изминува третата недела од воведувањето на скратеното работно време во ноќните часови и веќе се виде ефектот од тие мерки. Секако дека ефектот е позитивен, го приближи R0 до единица, но за да слезе пониско – овие мерки не се доволни. Го видовме тоа за време на рамазанскиот пост, кога имавме исти вакви мерки, R0 цело време беше минимално над единица. Додуша, тогаш ги имавме ифтарските вечери за делумно да го поништуваат ефектот на рестриктивните мерки, но што ако сега се започнат славите, со истиот негативен ефект? Којзнае, ако сосема се престане со славите, можеби ќе видиме R0 понизок отколку во мај, пред Рамазан бајрам, но не би се надевал премногу. Како што рековме многупати досега, R0 понизок од единица е повеќе исклучок отколку правило – барем со ваквите мерки.
Цело лето ВФ ја повторуваше неговата добро позната мантра дека бројките уште малку ќе се искачуваат, а потоа ќе слегуваат, но броејќи ги неделите оттогаш изброивме 10 недели, а тоа не се случи. Просечниот R0 беше околу 0,98–0,99 цело лето, па бројките на активните случаи одвај минимално опаднаа. Тогаш видов дека се скарани со математика, не го разбираат математичкиот модел на епидемијата, не го сфаќаат математичкото значење на R0, како и концептите за забрзување и забавување. Практично се потпираат на методот на проба и грешка, но пробите тука чинат многу, не само во пари туку и во човечки животи. Но, кога друг умира, лесно е да се биде храбар и да се експериментира со бесмислени мерки. Всушност, гледаме дека не донесоа ниту една суштинска мерка за ограничување на преносот на вирусот во затворени простории, таму каде што вистински е потребно. Наместо тоа, само нé замајуваат со мерки за на отворено – започнувајќи од маските на улица, па до затворањето на скијачките терени, додека во исто време во затворени кафулиња и ресторани може да се седи без маски. При тоа цело време со смирувачки глас бесконечно се повторува мантрата: „Сѐ е под контрола, сѐ е под контрола…“. Но самото повторување нема да направи бројките да паднат, треба поцврсти мерки. Просто неверојатно, но таквиот спокоен и смирувачки глас дејствува хипнотизирачки и парализирачки на народните маси, слично како што змијата ја хипнотизира жабата пред да ја проголта.
Да ја разгледаме сега накратко состојбата во болниците денеска (види Слика 3). Од вчера е во тек приемот во монтажната болница, каде има вкупно 33 пациенти. Исто така, според бројките забележуваме дека во некој град е отворено некое ново ковид-одделение, бидејќи бројката за само еден ден на инфективните одделенија по градовите порасна од 556 на 617. Така, денеска имавме нето пораст на бројот на хоспитализирани дури за 70 (нов рекорд), со што вкупниот број се искачи на 1.245, вклучувајќи и 64 во приватните болници. Инаку, сите останати големи болници се пополнети 100% и таму нема повеќе што да се бара или очекува. Веќе на социјалните мрежи се споделуваат ужасни сведоштва на тешко болни кои не можеле да бидат хоспитализирани, што значи дека ситуацијата на терен е дури и полоша отколку што прикажуваат официјалните бројки. Останува да видиме кога и колку пациенти ќе можат да примат клиниките за нефрологија и гастроентерохепатологија, но најверојатно бројките ќе бидат на ниво на клиниките за неврологија (35) и кожни болести (25). Тоа значи дека секоја нова клиника го одложува проблемот за само еден до два дена. Дури може да се случи целиот здравствен систем да премине во ковид режим (наводно имало вкупно 9.000 постели), но колку е тоа паметно? Зар уште не сфаќаат дека попаметно беше да ги соборат бројките со викенд-локдаун?

Кога сме кај локдаунот, да кажеме дека и него не го разбираат како што треба. Стално повторуваат дека после престанувањето на локдаунот бројките пак ќе се кренеле. Ете повторно неразбирање на репродукциониот број R0. Ако со примена на скратеното ноќно работно време одржуваме R0 = 1, тогаш после викенд-локдаунот дневните бројки остануваат константни, но на пониско ниво, точно како што видовме од Велигден до Рамазан бајрам. При R0 = 1 забрзувањето е нула, темпото на заразување е константно, без разлика дали се 1000 или 300 нови случаи на ден. Но, за да опаднат на 300, мора да се спроведе тотален, минимум четиридневен локдаун, а потоа се продолжува со сегашните мерки и бројките се одржуваат – до некој нареден викенд-локдаун и ново намалување.
Но, бадијала кога некој не разбира математика и не знае да чита дијаграми…