Група научници од Универзитетската болница, ETH и Универзитетот во Цирих пронајдоа начин за одржување во живот на црниот дроб надвор од човековото тело цела една седмица.
Досегашните методи овозможуваа тој да преживее во вештачки услови најмногу до 24 часа. Со помош на специјално дизајнирана машина и алгоритми кои автоматизирано се грижат за метаболизмот и физиолошките функции на црниот дроб ex vivo (научен жаргон кој се користи за одржување ткива и органи вон телото со имитација на природните состојби кои се наоѓаат во телото), овие научници успеаа да го продолжат периодот на преживување на овој орган доволно долго што теоретски овозможува далеку повеќе време за излекување на истиот и тоа надвор од телото.
Иако системот е развиен со употреба на црни дробови од свињи (кои се приближен модел на човековите органи), тој успешно се покажал и во одржувањето во живот на човечи дробови кои претходно биле извадени од починати лица, но биле и неупотребливи за трансплатација. Од десетте неупотребливи човечки органи во студијата, шест преживеале една седмица и ја подобриле својата функционалност. Оваа нова биотехнологија отвора можност за нови видови на третмани надвор од човековото тело, како и спасување на далеку поголем број на транспланти кои во нормални услови би биле неупотребливи.
Студијата вчера беше објавена во реномираното научно списание Nature Biotechnology.