Со цел македонската јавност да биде што подобро запознаена со настаните поврзани со коронавирусот во светот, Наука за сите во целост го преведе на македонски јазик обраќањето на директорот на Светската здравствена организација (СЗО), д-р Теодрос Адханом Гебрејесус (dr. Tedros Adhanom Ghebreyesus) дадено за медиумите на 16 март 2020 во кое повикува на помасовно тестирање и човечка солидарност.
Добар ден на сите.
Во изминатата недела видовме брза ескалација на случаи на COVID–19.
Повеќе случаи и смртност сега се пријавени во остатокот од светот отколку во Кина.
Видовме и брза ескалација на мерките за социјално дистанцирање, како затворање училишта и откажување спортски настани и други собири.
Но, не видовме доволно итна ескалација во тестирањето, изолацијата и откривањето на контактот – што е столб на одговорот.
Мерките за социјално дистанцирање можат да помогнат во намалувањето на пренесувањето и им овозможуваат на здравствените системи да се справуваат.
Миењето на рацете и кашлањето во лакт може да го намали ризикот за себе и за другите.
Но, самите по себе, тие не се доволни да ја изгаснат оваа пандемија. Комбинацијата е тоа што ја прави разликата.
Како што цело време зборувам, сите земји мора да заземат сеопфатен пристап.
Но, најефикасниот начин за спречување на инфекции и спасување животи е кршење на ланците за пренесување. И за да го направите тоа, мора да тестирате и изолирате.
Не можете да гасите оган со затворени очи. И не можеме да ја спречиме оваа пандемија ако не знаеме кој е заразен.
Имаме едноставна порака за сите земји: тестирај, тестирај, тестирај.
Тестирајте го секој сомнителен случај.
Ако на тестовите се покажат позитивни, изолирајте ги и откријте со кого биле во близок контакт до 2 дена пред да развијат симптоми и тестирајте ги и тие луѓе. [ЗАБЕЛЕШКА: СЗО препорачува тестирање контакти со потврдени случаи само доколку тие покажат симптоми на COVID–19]
Секој ден, повеќе тестови се произведуваат за да ја задоволат глобалната побарувачка.
СЗО испорача скоро 1,5 милиони тестови во 120 земји. Работиме со компаниите за да ја зголемиме достапноста на тестовите за оние кои имаат најмногу потреба.
СЗО советува дека сите потврдени случаи, дури и благи случаи, треба да бидат изолирани во здравствените установи, за да се спречи преносот и да се обезбеди соодветна грижа.
Но препознаваме и дека многу земји веќе го надминале својот капацитет да се грижат за благите случаи во здравствени установи наменети за тоа.
Во таква ситуација, државите треба да им дадат приоритет на постарите пациенти и на оние со веќе постоечки заболувања.
Некои земји го проширија својот капацитет со употреба на стадиони и спортски сали за да се грижат за благите случаи, а тешките и критичните случаи се згрижуваат во болниците.
Друга опција е пациентите со полесно заболување да бидат изолирани и згрижени дома.
Грижата за заразените лица дома може да ги доведе во ризик и другите во истото домаќинство, па затоа е критично давателите на грижа да го следат упатството на СЗО за тоа како да обезбедат нега што е можно побезбедно.
На пример, и пациентот и давателот на нега треба да носат медицинска маска кога се заедно во иста просторија.
Пациентот треба да спие во посебна спална соба од другите и да користи различна бања.
Назначете една личност да се грижи за пациентот, идеално некој кој е во добра здравствена состојба и нема веќе постоечки заболувања.
Давателот на грижата треба да ги мие рацете по секој контакт со пациентот или неговата непосредна околина.
Луѓето заразени со COVID–19 сè уште можат да заразат други и откако ќе престанат да се чувствуваат болни, па ваквите мерки треба да продолжат најмалку две недели по исчезнувањето на симптомите.
Не треба да се дозволуваат посетители до крајот на овој период.
Повеќе детали има во водичот на СЗО.
===
Уште еднаш, клучната наша порака е: тестирај, тестирај, тестирај.
Ова е сериозна болест. Иако доказите што ги имаме сугерираат дека оние преку 60-годишна возраст имаат најголем ризик, млади луѓе, вклучително и деца, умреле.
СЗО издаде ново клиничко упатство, со специфични детали за тоа како да се грижиме за деца, постари лица и бремени жени.
Досега видовме епидемија во земји со напредни здравствени системи. Но, дури и тие се мачеа да се справат.
Како што вирусот се проширува во земји со ниски приходи, ние сме длабоко загрижени за влијанието што може да го има кај популациите со голема преваленца на ХИВ или кај неисхранети деца.
Затоа ja повикуваме секоја земја и секоја индивидуа да стори сé што може за да се запре пренесувањето.
Миењето на рацете ќе помогне да се намали ризикот од инфекција. Но, исто така тоа е и чин на солидарност затоа што го намалува ризикот дека ќе ги заразите и другите во вашата заедница и низ целиот свет. Направете го тоа за себе, направете го тоа за другите.
Исто така, ги замолуваме луѓето да ја изразат својата солидарност воздржувајќи се и од натрупување на основни производи, вклучувајќи ги и лековите.
Натрупувањето може да создаде недостаток на лекови и други основни производи, што може да ги засили страдањата.
Благодарни сме на сите што придонеле во Фондот за солидарност и одговор на COVID–19.
Откако го започнавме во петокот, повеќе од 110 000 луѓе придонесоа скоро 19 милиони американски долари.
Овие средства ќе помогнат да се купат дијагностички тестови, материјали за здравствените работници и да се поддржат истражувањата и развојот.
Ако сакате да придонесете, ве молиме одете на who.int и кликнете на портокаловото „Донирај“ копче на горниот дел од страницата.
Благодарни сме и за начинот на кој се здружуваат различните сектори на општеството.
Ова започна со предизвикот „SafeHands“ (безбедни раце), кој привлече познати личности, светски лидери и луѓе насекаде, демонстрирајќи како да ги мијат рацете.
Попладнево СЗО и Меѓународната трговска комора издадоа заеднички повик за акција до глобалната бизнис заедница. МТК ќе испраќа редовни совети до својата мрежа од повеќе од 45 милиони бизниси, да ги заштити своите работници, клиенти и локалните заедници, и да го поддржува производството и дистрибуцијата на основните резерви.
Би сакал да им се заблагодарам на Пол Полман, Аџај Банга и Џон Дентон за нивната поддршка и соработка.
СЗО исто така работи со Global Citizen (Глобален граѓанин) за започнување на Солидарност сесии, серија на виртуелни концерти со водечки музичари од целиот свет.
===
Ова е дефинирачката глобална здравствена криза на нашето време.
Деновите, неделите и месеците пред нас ќе бидат тест на нашата решеност, тест за нашата доверба во науката и тест на солидарност.
Кризите како ова имаат тенденција да ги покажат најдоброто и најлошото во човештвото.
Како и јас, сигурен сум дека сте допрени од видеата на луѓе кои им аплаудираат на здравствените работници од нивните балкони или приказните за луѓето кои нудат да купуваат намирници за постарите луѓе во нивната заедница.
Овој неверојатен дух на човечка солидарност мора да стане уште позаразен од самиот вирус. Иако можеби ќе треба некое време да бидеме физички разделени едни од други, можеме да бидеме заедно на начини кои никогаш ги немавме порано.
Заедно сме во ова. И можеме да успееме само заедно.
Затоа, правилото на играта е: заедно.
Ви благодарам.
ОБРАБОТКА И ПРЕВОД: Атанас Кирјаковски