Карен Уленбек од универзитетот Принстон во САД е првата жена која деновиве ја доби оваа престижна награда за достигнувања во математиката. Норвешката академија на наука и хуманистика ѝ ја додели наградата (620.000 евра) за нејзиниот труд во областа на парцијалните диференцијални равенки. Нејзините теории доведоа до револуција во разбирањето на минимални површини и општата проблематика на минимизација во високо-димензионални простори. Пример за минимални површини во тродимензионален простор се меурите од сапуница.

Седумдесет и шест годишната Уленбек е по потекло од Кливленд и е исклучителен поборник за родова еднаквост во науките и математиката.
Абеловата награда го носи името на славниот норвешки математичар Нилс Хенрик Абел. Наградата е воведена во 2002 година за достигнувања во математиката, дисциплина за која не се доделува Нобелова награда. Абеловата награда за математика, покрај Филдс медалот, е пандан на Нобеловата награда за природните науки.