Биолошки науки

Вирусот наречен „Медуза“ ги скаменува жртвите

Џиновските вируси се далеку од вообичаената слика за вирусите како мали, едноставни и примитивни организми. Овие големи вируси поседуваат комплексен геном, т. е. голема количина на информации кодирана во нивниот генетски материјал. Пронајдени се насекаде низ светот: во сибирскиот пермафрост, брегот на Чиле, кал во термални води во Јапонија.

Вирусот пронајден во Јапонија е наречен „Медуза“, затоа што ги „скаменува“ жртвите. Овој вирус ги инфицира амебите, едноклеточните организми кои живеат во водени средини. Некои од амебите кои се инфицирани со овој вирус умираат така што потполно се распаѓаат. Некои од инфицираните амеби пак ја губат флексибилноста, се згрчуваат, односно се скаменуваат како Медуза да ги погледнала (Медузата од античката митологија со поглед ги скаменувала луѓето). Во овој мит, Масахару Такемура, истражувачот кој го откри вирусот, најде инспирација за името на штотуку пронајдениот организам.

2acfac93e
Микроскопски приказ на вирусот „Медуза“.

Медуза вирусот има облик на правилен икосаедар, геометриско тело со 20 еднакви површини. Покриен е со 2660 игли (шилци) чија функција не е позната. Сепак, она што најмногу ги изненади научниците е дека ДНК-та на Медуза вирусот содржи код за хистони, протеини околу кои ДНК молекулата се обвиткува. Хистоните во клетките служат за просторна организација на ДНК молекулите во облик на замотана врвца, која личи на старински телефонски кабел. Но, досега откриените вируси и бактерии не поседуваат хистони. Организмите со сложена ДНК, како животните и растенијата поседуваат хистони. Прашање е од каде потекнуваат хистоните во овој вирус? Наједноставен одговор би бил дека се добиени со трансфер на гени од амебите кои Медуза вирусот ги инфицира. Но сепак постои и можноста хистоните за првпат да се појавиле кај џиновските вируси, а потоа да биле пренесени кај сложените организми.

Друго изненадување беше присуството на полимераза, ензим кој служи за синтеза на ДНК. Полимеразата пронајдена кај Медуза вирусот е слична на полимеразите кај сложените организми, растенијата и животните, но сепак е уникатна. Полимеразата на вирусот иако слична, не е во потполност соодветна на ниту една пронајдена кај другите организми. Тоа би значело дека е можно да се појавила првпат кај вирусите.

Но хипотезата за појава на полимеразите за прв пат кај вирусите не е во согласност со досега доминантната идеја дека вирусите се појавиле после бактериите и другите сложени организми. Најголем број од биолозите веруваат дека вирусите се или клетки кои ги изгубиле скоро сите функции, или пак се делови кои се одвоиле од матичните клетки, а кои носат генетски материјал. Во секој случај, вирусите до сега не се третирани како вистински живи организми, затоа што не поседуваат механизми за сопствена репродукција. Вирусите го користат механизмот за репродукција на клетките кои ги инфицираат.

Но присуството на полимерази, кои се дел од механизмот за репродукција, во џиновските вируси, и можноста овие ензими за првпат да се појавиле кај нив, можеби потполно ќе ја промени сликата за потеклото на животот. Ова откритие ја отвора можноста вирусите да биле едни од првите организми кои се појавиле во примордијалната супа. Можеби токму вирусите се причината за постоење на живите организми.

амебивирусиДНКоткритиеполимеразихистонџиновски вируси
Претходен написи
Абеловата награда за првпат оди кај жена
Следен напис
Ексел: креирање динамичен пребарувач со помош на INDEX и MATCH [#4]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите