Биолошки науки

Антибиотици – Исцрпливи ресурси и жртви на сопствениот успех

Во денешно време, многу често може да слушнеме или прочитаме како била пронајдена нова бактерија резистентна на одреден вид на антибиотик и како оваа ситуација може да доведе до глобална епидемија (Слика 1). Читајќи ги ваквите новости, повеќето од нас се запрашуваат, зошто кога имаме антибиотици човештвото е доведено во ваква ситуација. Што се случува во светот на бактериските инфекции и антибиотиците?

Слика 1
Слика 1. Пример за некои од глобалните вознемирувачки вести за појавата на бактерии резистентни на антибиотици.

Во неколку претходни написи објаснивме што значи една бактерија да е резистентна на антибиотик и како се шири информацијата за резистентност помеѓу бактериите.
Антибиотиците како супстанци селективно убиваат бактерии, а имаат минимална штета кон човечкиот организам. Во зависност од тоа колкав број на видови бактерии елиминираат, антибиотиците може да се со поширок или потесен спектар.
Антибиотската резистенција не е нешто ново. Уште од самото откривање на пеницилинот, Александар Флеминг потенцирал дека употребата на антибиотиците не треба да се земе здраво за готово и дека треба да се внимава со нивната употреба, бидејќи во спротивност резултатот може да е опасен. Неколку години или месеци после откривање и употреба на одреден антибиотик може да се појави првата бактерија која е резистентна (Слика 2).

Слика 2
Слика 2. Неколку примери на антибиотици и првата појава на бактериска резистенција на истите.

Всушност, мутации кои им овозможуваат на бактериите да постанат резистентни се појавуваат и многу побрзо од неколку месеци, како што беше неодамна покажано во лабораториски услови. Со модулирање и постепено зголемување на концентрацијата на антибиотик на кој што бактериите се изложени, многу успешно беше доловена еволуцијата и појавувањето на резистентни бактерии во период од само неколку дена (~ 11 дена) (Видео 1).

Видео 1. Еволуција на резистентни бактерии кон антибиотици во лабораториски услови. Направено од истражувачи во лабораторијата на Roy Kishony во универзитетот Харвард.(http://kishony.med.harvard.edu/)
Бактериската отпорност кон редовните антибиотици се должи на нивната (ЗЛО)употреба. Некои од главните активности кои придонесуваат за ваквата состојба се следниве:

  1. Неконтролирано и непрописно препишување на антибиотици од страна на општите лекари.
    Многу често, општите лекари препишуваат антибиотици без комплетни анализи да бидат извршени за тоа каков вид на бактерија ја предизвикува инфекцијата. Во многу случаи, ова е поради индиректниот притисок врз лекарите од страна на родителите загрижени за здравјето на своите деца, особено во педијатријата [1].
  2. Коректни известувања за употребата на антибиотиците и постојана проверка на нивната ефикасност.
    Европското здружение за тестирање на антимикробна подлежност кон антибиотици (European Committee on Antimicrobial Susceptibility Testing (EUCAST) годишно информира за ефикасноста и критериумите за користење на одредени антибиотици. Правилно известување за количините на антибиотиците кои се препишуваат во клиниките може да донесе до подобрување на употребата на антибиотиците врз основа на нивната ефикасност. Во едно најново истражување [2] беше илустрирано дека зголемената употреба на ципрофлоксацин (Ciprofloxacin) кој се користи при третман на инфекции предизвикани од Грам – негативни бактерии (пр. Ешерихија коли (E.coli)), придонела за зголемување на бројот на резистентни бактерии или неуспешни третмани. Базирано на резултатите, се потенцира дека постои директна корелација помеѓу користењето на антибиотикот и бактериската подложност на самиот (Слика 3). Ова значи дека после некое време кога антибиотикот пак се препишувал при инфекции, неговата активност се вратила во акција [2]. Според ова, за да ја продолжиме ефикасноста на антибиотиците, треба редовно да се прати нивната ефикасност и количество на употреба.
  3. Неконтролирана употреба на антибиотиците во сточарството.
    Антибиотиците редовно се користат како поттикнувачи на развој кај добитокот или како пестициди во агрикултурата. Злоупотребата на антибиотиците во овој сектор придонесува до зголемување на резистентни бактерии во природата, а со тоа и веројатноста некои да не инфектираат [3].
Слика 3
Слика 3 Ефект од известување на употребата на антибиотикот ципрофлоксацин врз бактериската подложност. Превземена од [2]
Каква е состојбата во Македонија?

Истражувачи од Факулетот за Медицина во Тетово, во 2014-та објавија истражување поврзано со свеста на родителите за употребата на антибиотици при инфективни заболувања и антибиотска резистенција. Од 500 учесници, 40 % од родителите демонстрирале соодветно занење за употребата на антибиотици, а 60 % не знаеле дека антибиотиците не можат да уништат вируси. Само половина (48.2 %) од родителите биле свесни за резистенција на бактерии кон антибиотици како резултат на преголема употреба, а 77 % од родителите се изјасниле дека употребата на антибиотици при симптоми на настинка им помогнале на нивните деца да оздрават побрзо. Ова ја потенцира важноста на соодветна едукација за правилна употреба на антибиотици, како антибиотиците делуваат и како се јаува резистентност кон истите [4].
Според Светската Здравствена Организација (World Health Organization, WHO) земјите на поранешна Југославија се наоѓаат меѓу оние држави со висока консумација и распространетост на антибиотици [5]. Во 2014-та, WHO заедно со повеќе од 50 инвеститори ја подржаа кампањата во Македонија за покревање на човечката совест за проблемите на антибиотска резистенција под мотото “Антибиотиците не се храна”. Клучен фактор за подобрување на состојбата е ефикасно ширење на информации за паметно користење на антибиотици при инфективни заболувања.
За крај, не брзајте при секое мало настинување да примате антибиотици и да барате од докторите да ви препишат антибиотици без точни информации за која бактерија може да станува збор. Тоа е најлесен начин како позитивно да придонесеме кон глобалниот проблем на антибиотска резистенција.


  1. Bauchner, H., S.I. Pelton, and J.O. Klein, Parents, physicians, and antibiotic use. Pediatrics, 1999. 103(2): p. 395–401.  ↩
  2. Langford, B.J., et al., Antimicrobial Stewardship in the Microbiology Lab: Impact of Selective Susceptibility Reporting on Ciprofloxacin Utilization and Gram-Negative Susceptibility in a Hospital Setting. J Clin Microbiol, 2016.  ↩
  3. Ventola, C.L., The antibiotic resistance crisis: part 1: causes and threats. P T, 2015. 40(4): p. 277–83.  ↩
  4. Alili-Idrizi, E., M. Dauti, and L. Malaj, Validation of the parental knowledge and attitude towards antibiotic usage and resistance among children in Tetovo, the Republic of Macedonia. Pharm Pract (Granada), 2014. 12(4): p. 467.  ↩
  5. Факти за ситуацијата на употребата на антибиотици во Македонијa http://www.euro.who.int/en/health-topics/disease-prevention/antimicrobial-resistance/news/news/2014/10/promoting-rational-use-of-antibiotics-in-the-former-yugosalv-republic-of-macedonia  ↩
антибиотициантибиотска резистенцијаБиолошки наукиизбрано
Претходен написи
Откриена планета налик на Земјата околу најблиската ѕвезда
Следен напис
Зошто зеваме?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите