Томи Бошковски е докторски кандидат и истражувач при Институтот за биомедицински инженеринг, Политекник Монтреал, којшто е афилиран со Универзитетот во Монтреал, Канада. Неговите истражувања се фокусираат на конектомиката (наука која се занимава со мапирање на мозочната поврзаност) и квантитативната магнетна резонанца. Томи развива нови мрежни модели и методи за анализа на централниот нервен систем и се обидува да најде пософистицирани начини за рана детекција на неуроинфламаторните и неуродегенеративните заболувања, поспецифично, на Паркинсоновата болест и мултиплекс склерозата (невролошко нарушување кое настанува кога имуниот систем ја напаѓа миелинската обвивка на невронските аксони во централниот нервен систем и оптичките нерви). Во своите истражувања употребува машинско учење за анализа на податоци од квантитативна магнетна резонанца. За него можете повеќе да дознаете на неговата лична веб страница.
Содржина | Време |
---|---|
Вовед. Како Томи заминува за Канада? На кој универзитет студира и работи? | 00:13 |
„Прво го изедовме десертот.“ Благодарност до Томи за учеството во подкастот. Неговите предавања на ФИНКИ на кои и се запознава со Атанас Кирјаковски од Наука за сите. | 05:37 |
Што сакал да студира и да учи Томи? Како и зошто се определил за биоинженерство? Што точно истражува(л)? Улогата на професорот и академик Љупчо Коцарев во научното определување на Томи. | 08:20 |
Нови трендови на дигитализирање на медицината и биолошките науки. Дали вештачката интелигенција ќе станува се поголем фактор во медицината? | 11:46 |
Подетално објаснување околу истражувањата на Томи. Што е конектом на мозокот? Видови на поврзаност во мозокот. Разлики помеѓу сива и бела материја на мозокот. Анатомија на неврони. Што се аксони и миелинска обвивка? Што се синапси? | 15:26 |
Што е мултиплекс склероза? Како настанува и кои се симптомите? Каков е текот на болеста? | 23:01 |
Како се детектира и дијагностицира мултиплекс склерозата со постоечките методи? Што се лезии? Како истражувањата на Томи допринесуваат во дијагностицирање на мултиплекс склерозата? Какви податоци користи и како течат неговите истражувања? Како во неговата лабораторија се анализираат податоците? | 27:22 |
Кога очекува Томи да докторира? Каков е животот во Канада? Има голема македонска заедница во Торонто. Околу франкофонската култура во Квебек. | 38:52 |
Какви планови има Томи после докторирањето? | 45:52 |
Што е тоа „отворена наука“? Како Томи и неговите колеги ја промовираат истата? Како Наука за сите има удел во тоа? Што е репликабилност и репродусибилност во науката? Колку се инвестира во науката во Македонија, а колку во светот? | 47:00 |
Ситуацијата во достапните ресурси за наука не е толку критична како порано. Сега има далеку повеќе бесплатни ресурси како Sci-Hub на пример. Проблемот на комуникација меѓу научниците и пошироката јавност. Вредноста на иницијативите како Наука за сите. | 56:43 |
За тешкотијата да се пишува просто и едноставно за комплексни прашања со цел полесно да се пренесе знаењето до што повеќе луѓе. Дали концептот на отворена наука е доволен за подобрување на перцепцијата на јавноста во однос на науката? Научното описменување треба да се одвива од рана возраст, посебно поради тоа што децата имаат природен импулс да истражуваат. И научниците мора да се борат за вниманието на јавноста. Поздрав и одјава. | 01:02:57 |