Коментарот од читателот можете да го прочитате тука.
Насловот е провокативен и таков е и наменет за да се привлече вниманието на читателот и мислам дека за автори на научни, па и на ненаучни истражувања, ваквиот однос е сосема познат и се користи универзално. А воведот е информативен за да се приближи читателот до целта на овој приказ, односно да се прикаже електрохемиски метод за анализирање на антиоксидативниот капацитет на примероци од интерес.
Алкохолот не е тема на обработка во овој приказ, а за неговите штетни влијанија се согласувам.
Додека сме кај ресвиратролот, оваа молекула е многу контроверзна кога ќе се спомнат разни заболувања. Точно е дека ресвиратролот како молекула од хемиски аспект е полуфенол и како таков има потенцијал да допринесе кон целокупниот антиоксидативен капацитет во овошките кои го содржат. Но дека тоа е поврзано директно со некои медицински аспекти сè уште не е докажано, иако постојат голем број на истржувања кои допринесуваат до разбирањето на неговите својства. Ин виво студиите, за да се докаже дека ресвиратролот го продолжува животниот тек – би траеле 100 години. Има многу групи низ светов кои работат на тоа и една од нив е групата на проф. Оле Ванг од Роскилд Универзитетот. Оваа молекула не е прифатена од ФДА да се користи како суплимент во повеќето европски држави, иако во Соединетите Американски Држави може да се најде во аптеките. Сепак ретро студиите не можеме да ги земеме во предвид и покрај тоа што студиите се долги 9 години. Тоа е од перспектива дека за една молекула во понатамошните години не може да се знае од кога почнува нејзниот ефект. Ако се прави вистинска студија тогаш таа би се пратела кај лица од раната возраст па се до доцните години. Во меѓувреме мора да се знаат процесите кои ќе се следат, бидејќи многу карти се во игра при определувањето на причината за појавување на одредено заболување.
Морталитетот од кардиоваскуларни заболувања во Франција е повеќе од двапати помал доколку се спореди со тој во Соединетите Американски Држави (Lippi, G., Franchini, M., Favaloro, E.J., and Targher, G. Moderate red wine consumption and cardiovascular disease risk: beyond the “French Paradox”. Semin. Thromb. Hemost. 2010; 36: 59). Во виното покрај антиоксидантите има и разни видови гликосиди кои имаат големо влијание за, на пример, состојбата на разни видови ензими кои се активни при многу метаболични реакции. Но тоа е друга тема.
Примената на разни видови зеленчуци и овошја во исхраната на еден човек и нивниот ефект кон целосното здравје е потенцирана во голем број на научни трудови од повеќе перспективи. Оксидативниот стрес кој се појавува како резултат на разни влијанија има потреба од инхибиција и затоа диетата игра важна улога во повеќето од процесите. Journal of Medicinal Food ги има поголем број од трудовите кои можат да ги појаснат овие ефекти.
Сепак во овој напис целта е да се презентира биохемиски односно, електрохемиски метод кој се користи при идентификација на антиокидативен капацитет на примерок од интерес. Во овие анализи (кои се на Дански јазик) е калкулирано кој од испитаните примероци има поголем капацитет. Ин виво експерименти не се направени за да се види директниот ефект од тој антиоксидативен капацитет врз некои кардиоваскуларни или други заболувања. Иако антиоксидативното својсво на црвеното вино и цвеклото овде се потенцирани, тие се само дел од сложувалката која позитивно влијае врз целосното здравје на еден човек.
Благодарам за информативното надополнување од медицински аспект и за коментарот.