Ова е коментар од читател на написот “Црвено вино или сок од цвекло – во која чаша се крие тајната за подолг живот?” од 26 април 2016. Одговор од авторката на коментарот.
Статијата навлегува во шпекулативна територија и зборува за работи за кои нема доволно докази за да се земат за точни. Не би коментирал директно за студијата што е направена, оти не разбирам германски, но можам да кажам нешто во однос на медицинскиот дел на оваа статија и зошто сметам дека авторката е во грешка.
Од насловот “во која чаша се крие подолг живот?”, бидејќи се работи за страна која се занимава со научно докажани работи, очекував дека одговорот на поставеното прашање ќе биди “во ниту една”, заради досегашните докази преку добро изведените студии на оваа тема.
Прво би почнал со она што за мене е трн во окото, а тоа е реченицата “Нискиот процент на коронарни срцеви заболувања измеѓу француската популација споредена со другите популации се базира врз нивната висока консумација на црвеното вино, т.е. несаканите ефекти од високо масната храна се намалуваат со консумирањето на црвено вино”, поради тоа што директно се прикажува дека причинителот е црвеното вино, без никаков доказ за тоа. Општо, за алкохолот се направени студии кои ја опфаќаат неговата корелација со коронарните срцеви заболувања, каде што е пронајдено поврзаност помеѓу умереното пиење на алкохолот и намалена инциденца за појава на корнонарни срцеви заболувања, меѓутоа директен зголемен морталитет поврзан со зголемениот внес на алкохол. Честата консумација на алкохолот е исто така причинител и на други заболувања од кардиоваскуларниот систем, вклучувајќи и алкохолна кардиомиопатија, атријална фибрилација и вентрикуларна тахикардија. Алкохолот исто така има лоша корелација со некои канцери, вклучувајќи го карциномот на дојка, каде што во студија направена во 2007-ма се пронаоѓа асоцијација помеѓу внесот на алкохол и инциденцата за канцер, а во 2014, систематско ривју на епидемиолошки и експериментални студии доаѓа до заклучок дека секој дополнителен пијалок го зголемува релативниот ризик за мали, но значајни 2%. Мета-анализа на колоректален карцином го поврзува зголемениот внес на алкохол со инциденцата на карцином, меѓутоа не и кај оние кои внесуваат умерено. Тоа ми е проблемот во таа реченица. Умерениот внес на алкохол е асоциран со намален морталитет, подобра когнитивна функција во средновечноста, зголемување на HDL холестеролот, дури и намален ризик од кардиоваскуларни заболувања кај лица со дијабетес тип 2 (докажано во рандомизирана студија). Меѓутоа, заради тоа што е причина за 5,9% од вкупниот морталитет на глобално ниво, неговата физичка и психичка зависност, поради која и луѓето го злоупотребуваат, неговото препорачување да се консумира секојдневно сè уште се наоѓа во сивата зона. Приказната за Францускиот Парадокс е тоа што го почна цело ова и според која е направена хипотеза дека консумирањето на црвено вино е она кое што го прави бенефитот, без додатна статистика. Статистика за косумирање на црвено вино (од тогаш не можев да најдам, меѓутоа има доста добра статистика за 2014-та година) не оди во прилог на парадоксот, со тоа што Франција не е земја која консумира најмногу вино. Ватикан, Андора, Хрватска и Словенија се оние кои имаат поголем внес на вино од Франција, а и Македонија не е толку далеку, само 2.1 per capita, а сепак ги немаме истите бенефити кои ги имале Французите.
Другиот дел, како и центарот на внимание, е ефектот на антиоксидансите од храната, кој е земен здраво за готово, а за кои сеуште нема конечен доказ. Корелацијата направена дека консумирањето на овошје и зеленчук има позитивен ефект на здравјето и влијае на намалување на ризикот на некои болести и тоа дека овошјето и зеленчукот содржат антиоксиданси не значи дека тие се причинител за намалување на ризикот. Меѓутоа, обрнување внимание на толкава голема група би било научно погрешно, па за тоа би се фокусирал само на ресвиратролот (бидејќи не можев да најдам ниту една релевaнтна студија која го докажува ефектот на бетанините кон долговечноста на човекот).
Ресвиратролот, кој освен во црвено вино, се наоѓа и во чоколадо, некои бобинки и корени, според некои се смета дека е моќен антиоксиданс кој има антиканцероген ефект, ја зголемува долговечноста, како и антиинфламаторен ефект. Во 2014, проспективна кохортна студија изведена на 783 луѓе, на возраст од над 65 години, во тек од 9 години, не наоѓа никаква корелација, во однос на долговечност, антиинфламаторен и антиканцероген ефект, измеѓу луѓе со високи количества на ресвиратрол и луѓе со ниски или средни количества. Студиите кои имаат позитивни резултати во однос на долговечноста, се извршени на стаорчиња, во кои ресвиратролот бил во високи дози. Поради тоа што црвеното вино содржи само 1,5–3 mg/L ресвиратрол, човек би требал да внеси 22 литри, а во некои студии и 1000 литри црвено вино, за да ја има истата концентрација на ресвиратрол како и оние во експериментите на стаорци. До сега нема ниту една студија која го потврдува зголемувањето на долговечноста, на човек.
Би сакал само да додадам за правењето на сок од цвекло, како и од сите овошја, треба почесто да се избегнува заради тоа што се губи комплетната содржина на диетални влакна кои што се асоцирани со нормализирање на фрекфенцијата на столици и се важни во превенција на дијабетес 2 (со нормализирање на глукозата во крвта и инсулинот и намалување на тежината), меѓутоа ова е друга тема.