Општествени науки

Најпрвин идентитет, потоа религија со „големи богови“

Меѓународен тим неодамна објави студија во водечкото научно списание Nature во која го истражуваат редоследот на појава на сложени општества и религии кои се фокусирани на големи богови. Терминот „големи богови“ значи божества кои се централни во некои религии и кои се занимаваат со „морализирање“, т. е. ги казнуваат со натприродни казни луѓето кои се однесуваат неетички. За разлика од теориите кои доминираат деновиве во науката, тимот откри дека по правило ваквите религии со големи морализирачки божества се јавуваат дури отпосле, откако сложените општества се формирани. Тезата дека религија со цврсто воспоставени богови е неопходна за воспоставување на сложен општествен систем не е точна.

Локации на 30 региони од кои се земени примероци прикажани на светска мапа
Локации на 30 региони од кои се земени примероци прикажани на светска мапа. Именувани се во согласност со преколонијалните докази за морализирачки богови. (Извор: Nature)

Дебатата за тоа дали религијата е фундаментално неопходна за постоење на сложено општество секако трае веќе со векови. Но она што е ново во овој труд е дека анализата е извршена со прецизни квантитативни методи, врз основа на база на податоци. Имено тимот изврши детална статистичка анализа на податоците во базата Seshat: Global History Databank. Оваа база на податоци содржи 300.000 записи за општествената комплексност, религијата и други карактеристики на над 500 општества во изминатите 10.000 години, почнувајќи од првото организирано општество во неолитска Анадолија (денешна Турција) кои било формирано околу 9600 години пред нашата ера.

Теоријата за улогата на религијата во општеството која досега доминирала во науката вели дека големите богови, кои „морализираат“ и казнуваат кога некој се однесува неетички, се неопходни за воспоставување на фер соработка меѓу луѓето. Без божества кои би казнувале нечесно однесување, според оваа теорија, луѓето не е возможно да формираат големи заедници. Според истражувањата на тимот оваа теорија не е точна, божествата кои казнуваат нечесни луѓе се појавуваат дури откако сложените општества се веќе формирани. Од друга страна пак, рано при формирањето на општествата се појавуваат стандардизирани ритуали. Ритуалите служат за формирање на колективен идентитет, за чувство на припадност кон групата. Токму тоа, колективниот идентитет, е неопходен за формирање на големо и сложено општество.

Наслов и авторски права за насловната фотографија: „Стоечки богообожувач“, The Metropolitan Museum of Art

боговиидентитетморалморализирањеопштестварелигии
Засега нема слични статии.
Претходен написи
Теорија или експерименти? На што повеќе верувате?
Следен напис
Од физиката до биологијата: разговор со д-р Илија Дуковски од Универзитот во Бостон, дел 2

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Споделете со пријателите