Биолошка приказна за долговечноста: дали може да се реверзира процесот на стареење

Една од целите на трансхуманистичкото движење е продолжување на животниот век на луѓето, со тоа што свесноста кодирана во биолошкиот мозок ќе биде пренесена на компјутерски “мозок”. Со таквото ослободување од прангите на биолошкото тело, човекот ќе има можност да живее долговечно или бесмртно. Ќе бидат потребни стотици/илјадници години додека човештвото не го достигне овој технолошки сингуларитет. Но што е со продолжувањето на животот во склоп на биолошкото тело?

На неколку наврати во библијата е укажано дека луѓето живееле околу 900-1000 години, за потоа бог да го ограничи човечкиот животен век на максимум од 120 години. Иако библијата нема никаков научен кредибилитет, концидентно зголемувањето на човечкиот животен век до околу 1000 години е можеби биолошки возможно. Aubrey de Grey, англиски биогеронтолог смета дека првиот човек што ќе живее 1000 години е моментално жив.

Но за момент да се навратиме од анегдоти кон модерна наука. Што знаеме досега за процесот на стареење и како можеме да го забавиме или комплетно реверзираме?

Биолошките поставки за стареење кај организмите не се целосно јасни, но се смета дека се воглавно генетски. Сите водечки хипотези поврзани со стареење конвергираат кон една иста насока – колку повеќе делби клетките обавуваат, толку повеќе оштетувања акумулираат во нивната ДНК и нивните клеточни структури и тоа води до симптоми на стареење. Впрочем клетките може да се делат само одреден број пати (40-60) и овој феномен е наречен Hayflick-ов лимит.

Постојат два добро карактеризирани метаболички процеси што се силно поврзани со стареењето и долговечноста: рестрикција на внесени калории и пореметување на каскадата на транспорт на електрони во митохондриите (енергетски станици на клетката).

Процесот инволвиран во стареење за којшто моментално постојат најверодостојни научни докази е рестрикцијата на внесени калории. Голем број на истражувања досега потврдиле дека намалениот број на внесени калории (60-70% од 100%) го продолжува животниот век и забавува или превенира јавувањето на многу болести поврзани со стареење кај многу животни. Се смета дека намалениот внес на калории делува преку зголемување на експресијата на ензимите наречени сиртуини и намалување на mTOR и инсулинското-IGF-слично сигнализирање што всушност функционираат како сензори за детекција на нутриенти во клетката. Постојат докази дека расвератрол (компонентна во црвено вино) е агонист на сиртуинските ензими и има сличен ефект како нив во продолжување на животниот век. Слично на тоа, рапамицин е инхибитор на mTOR сигнализирањето и веројатно го зголемува процесот на автофагија (елиминација на нефункционални или стари клеточни компонентни) и со тоа го продолжува животниот век. Интересно е што, метформин којшто се користи за третман на тип 2 дијабетис го намалува инсулинското-IGF-слично сигнализирање и следствено помага во намалување на симптомите на стареење.

Од друга страна, со пореметување на каскадата на електронски транспорт во митохондриите, доаѓа до оксидативен стрес на клетката и оштетување на клеточните структури. Се смета дека ова внатрешно оштетување на клетката доведува до симптоми на стареење. Пред скоро беше исто така беше откриено дека намалена количина на факторот c-myc во клетките, доведува до реверзирање на процесот на стареење. C-myc e еден од најпознатите протеини во биологијата и еден од главните фактори чијашто дерегулација доведува до канцер.

Сите овие овие процеси се меѓусебно поврзани во клетката и најголем број од доказите за нивниот ефект во процесот на стареење се добиени со експерименти во моделни организми како квасци, вински мушички, валчести црви, глувци и стаорци и ќе бидат потребни уште многу декади на макотрпна, педантна и внимателна научна работа за да се валидира нивниот удел во процесот на стареење кај луѓе. Пред да почнете да консумирате различни фармаколошки медикаменти и суплементи, дадете и време на науката да го потврди нивното дејство.


Дополнителни објаснувања:

Технолошки сингуларитет е моментот во човековата иднина кога вештачката интелигенција ќе го надмине човечкиот интелектуален капацитет.

Причина за Hayflick-овит феномен е фактот што теломерите (крајните нишки на хромозомите) на една клетка се скратуваат со секоја нејзина делба и следствено отчукувањето на овој “молекуларен часовник” води до геномска нестабилност и клеточна смрт.

Митохондрии – енергетските станици на клетката каде што се генерира најголем дел од хемиската енергија на клетката во форма на аденозин трифосфат (АТП).

Ознаки: , , , ,

Споделете ја содржината на социјалните мрежи!

Слични написи:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пополнете го ова поле
Пополнете го ова поле
Ве молам, внесете валидна адреса за е-пошта.

Мени

Споделете со пријателите